„Слушни ме“ не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика. Станува збор за документарен проект со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија, кој преку неговата лична приказна ја отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите. Филмот ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија, се вели во рекцијата од Министерството за култура по реакциите во јавноста за снимањето на биографски филм за раперот Маро Маринковиќ- Слаткар.
Од Министерството за култура и туризам, посочија дека со внимание ги следат реакциите во јавноста поврзани со одлуката за поддршка на документарниот филм „Слушни ме“.
-Ја разбираме чувствителноста на јавноста кога станува збор за распределба на буџетски средства и сметаме дека е важно граѓаните да бидат целосно информирани за причините поради кои овој проект доби поддршка, велат од Министерството.
Според Министерството за култура, особено значајно е што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства во нашето општество. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, појаснуваат дека филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста за говорните и комуникациските потешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства.
Ресорното Министерство нагласува дека проектот веќе има обезбедено значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата Creative Europe MEDIA, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација. Средствата одобрени преку конкурсот на Агенцијата за филм, посочуваат, претставуваат мал дел од вкупниот буџет и изнесуваат само 1,6 проценти од средствата распределени за поддржаните филмски проекти во овој конкурсeн рок. Истовремено, најголемиот дел од расположливите средства се насочени кон проекти на автори и режисери кои веќе имаат значајни меѓународни признанија и резултати, меѓу кои се Георги М. Унковски, Јани Бојаџи, како и Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, авторите на „Медена земја“. Ова, според Министерството за култура, потврдува дека институциите остануваат доследни на стратешката определба за поддршка на квалитетни филмски проекти кои ја афирмираат македонската кинематографија на меѓународната сцена.
– Нашата обврска е да поддржуваме разновидни филмски проекти кои покрај уметничката вредност носат и општествена корист. Веруваме дека културата не е само простор за уметнички израз, туку и важен механизам за отворање општествени теми, поттикнување емпатија и создавање поинклузивно општество. Затоа, поддршката на „Слушни ме“ треба да се гледа пред сè како поддршка на една значајна општествена тема и на филм кој има потенцијал да придонесе кон поголема свест, разбирање и поддршка за лицата со говорни и комуникациски потешкотии, соопшти Министерството за култура.
Дополнително, се вели во соопштението, продуцент на проектот е ОХО продукција, компанија која во континуитет работи на развој и реализација на аудиовизуелни проекти од национален интерес. Во моментов, продукцијата е ангажирана и на реализација на ТВ серија и документарен филм посветени на животот и творештвото на Тоше Проески, што претставува уште една потврда за нејзиниот професионален капацитет и посветеност кон проекти со значајна културна и општествена вредност.
Реакциите доаѓаат по објавата дека согласно Законот за филмска дејност, Управниот одбор на Агенцијата за филм, на седница одржана на 28.05.2026 година, ги донесе одлуките за прифатени проекти по Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година (прв рок), за кои се обезбедени вкупно 93 милиони денари.
Меѓу поддржаните проекти е „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски, режисер на наградуваните остварувања „ДЈ Ахмет“, „Налепница“ и анимираната серија „Буквождер“, потоа „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари, авторот на успешниот филм „Сите го викаат Реџо“, кој беше еден од најгледаните филмови од албански автор во изминатата година, „Татко“ во режија на Јани Бојаџи, „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, режисерот на светски наградуваниот документарец „Медена земја“ и „Слушни ме!“ на Радован Петровиќ кој е биографски музички документарец за Марко Маринковиќ – Слаткаристика, кој ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството.

