„Као какао“ е мјузикл, чија премиера беше вчера вечерта во МНТ, а за која се бараше карта повеќе за-наше си е, македонско си е! Ама изгледаше светски, со 22 артисти на сцена, жив оркестар и музика позната не само кај нас, туку и на Балкан и во светот, музика на Влатко Стефановски, по чиј познат хит беше насловен и мјузиклот.

А се почна од почетокот, од среношколските денови на создавање на музиката, па преку љубовната приказна на Џими и Дона до врвот на музичиот свет, на сцената во Лондон. И колку и да не е приказната автобиографска на создавателот на музиката Стефановски, сепак, тој во многу сегменти се препозна, што го разнежни и што на крајот го натера да им даде голем аплауз и да им честита.

Мјузиклот не потсети и на многу други нешта, на животот на младите во тоа време, на танго игранки, кои одамна ги нема, на Скопје изгубено во архитектурата, семејните вредности, маалските дружби како „Тафталиџе заслужува да има свестка слава“, но пред се на безвременската музика на Влатко, од „Леб и сол“, па подоцна и соло кариера. И во право беше режисерот на проектот е Дејан Пројковски, кој рече дека во мјузиклот е создадена душата на старото Скопје.

Во „Као какао“ играат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска.

И гледајќи ја целокупната слика не може да се издвојат улогите, бидејќи сите блеснаа на сцена. А „Баги комуникации“, заедно со МНТ, на музиката на Влатко Стефановски и текст на Венко Андоновски го создадоа мјузиклот „Као какао“, кој по многу нешта има големо значење за македонската култура. Кореографијата е на Олга Панго, нејзин асистент Ирена Лозинска, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф- Марија Пупучевска, а вокален ментор – Ана Костадиновска.
Несомнено дека „Као какао“ е македонски производ, но со светски квалитет, кој ќе ги помине границите. А тоа го покажаа и овациите на крајот… Заслужено…
В.М.
Фото: Вангел Тануровски






