Безбедносните служби на Црна Гора, од аеродромот во Тиват вчера попладне вратија во Белград авион со 87 мажи кои вчера во 10:41 часот слетаа со чартер лет од српската национална авиокомпанија „Ер Србија“. Меѓу нив, според медиумите и активистите од Србија, има лица поврзани со криминални досиеја, лица поврзани со насилството на протестите и блиски до владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ. Во авионот со себе понеле радио станица за комуникација на море, што имплицира дека самопрогласените обезбедувачи на Вучиќ наводно предизвикале инцидент на море. Со себе имале транспаренти на кои пишуваше „Србија победува“, што се најавува како предизборен слоган на Вучиќ на претстојните избори, а е алузија на слоганот „Студентите победуваат“.
Инцидентот се случува на ден пред важен настан во Тиват. Денеска и утре во овој црногорски град се одржува Самитот на Европската Унија (ЕУ) – Западен Балкан, на кој, покрај највисоките регионални лидери, ќе учествуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, шпанскиот премиер Педро Санчез, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други.
Црногорските безбедносни служби соопштија дека групата со српскиот чартер била протерана бидејќи претставувала закана за националната безбедност, присуствувала на бројни јавни собири со висок безбедносен ризик и дека некои од нив биле регистрирани за сторување кривични дела и прекршоци со елементи на насилство. Тимот, кој пристигнал во Тиват со чартер лет, не сакал да одговори на полициските прашања за причината за нивното патување во Црна Гора. Чартер летот го изнајмила туристичката агенција „Хепи травел“ од Бијелина, Србија.
Претходница на чартер летот биле четворица српски државјани влегле на територијата на Црна Гора на 2 јуни со намера да обезбедат сместување во престижни хотели во Тиват за дел од групата – дознава „Вијести“.
Имиња и фотографии од протесраните
„Вијести“ ги доби имињата на патниците кои пристигнаа во Црна Гора со чартер авион, а за кои службите оценија дека пристигнале како претходница за делегацијата на претседателот Александар Вучиќ на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Тиват во следните два дена.
„Ако го погледнете списокот, не е тешко да се заклучи дека станува збор за лица, од кои некои се обвинети за тешки кривични дела, а кои опозициските медиуми и активисти во Србија со години ги етикетираат како блиски до режимот на Александар Вучиќ. Прашањето е дали акцијата била неуспех, порака до европските гости или обид за одвлекување на вниманието од скандалите во Србија, пишува „Вијести“.
Задржани Црногорци на аеродромот во Белград
На потегот со враќањето на чартерот, одговори официјален Белград со синоќешното приведување на дваесет и осум црногорски државјани на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, откако се симнаа од авион што долета од Подгорица во 1 часот по полноќ, по неколкучасовно доцнење.
„Црногорске Вијести“ објавува дека уредникот на нивниот портал, Душан Цицмил, бил меѓу групата од 28 мажи со црногорски документи чии пасоши биле конфискувани, по што биле однесени во посебна просторија, без никакво објаснување зошто нивното движење било ограничено.
Според информациите на весникот, патниците, 28 од нив, биле однесени во посебна просторија, каде што имало и неколку црногорски државјани кои слетале од Барселона.
Ги викале по пет одеднаш и ги преместувале во друга соба, наводно за дополнителни проверки.
Речиси во исто време кога уредничкиот тим го контактирал Цицмил, кој ја потврдил информацијата за патниците кои се одвојуваат за дополнителен преглед, еден од патниците му рекол на новинарот дека на летот е и адвокатот Мироје Јовановиќ, кого новинарот на „Вијести“ потоа го повикал за да му пружи правна помош.
Цицмил синоќа за „Вијести“ изјави дека црногорските граѓани кои слетале во Белград од Барселона му рекле дека нивниот лет е планиран за Подгорица, но дека првично биле пренасочени кон аеродромот во Приштина, каде што не можеле да слетаат, поради што завршиле во српската престолнина.





