Влезница во Куклица не се наплаќа, а Општината не’ тужи за узурпација на локалитетот во кој донесовме 400.000 евра – Димитровски од ЗГ „Извор“

По јавните реакции од граѓани кои го посетиле локалитет Куклица кај Кратово дека приватни лица им наплатиле влезница, иако се работи за природна реткост која е јавно добро, од општината Кратово, која е надлежна, стигна уште поизненадувачко објаснување. Локалитетот предаден на Музејот на Кратово е узурпиран и за него се води судски спор, со цел општината да си го врати во владеење – е краткото сиже од подолгото општинско објаснување.

„Подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи. Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња, пишува во соопштението од општина Кратово.

Судски спор

Општината преку Општинска установа „Музеј на град Кратово“  повела и судски спор, поради тоа, како што се објаснува во општинското соопштение,  „Општината Кратово и Градоначалникот се спречени да постапуваат согласно член 7 од Законот за прогласување на локалитетот „Куклица“ за споменик на природата“.

Основниот суд од Кратово на 12 март годивана пресудил во корист на Општината и тужените Стојна Димитровска Боотх, Милош Димитровски и Здружение „Извор“ – Кратово се задолжуваат да го предадат во владение локалитетот Куклица на „Музеј на град Кратово“, како што стои „ локалитетот со утврдени мерки и граници, како и дрвената куќичка – брвнара, и да го ослободат просторот од сите предмети и ствари, во рок од 15 дена од денот на правосилноста на пресудата“.

Оваа пресуда е обжалена и за спорот одлучува надлежена Апелациски суд.

Го побаравме Милош Димитровски од Здружението „Извор“, кој е еден од тужените за узурпација на Куклица. Димитровски негира дека наплатуваат влезници, туку дека членовите волонтерски го одржуваат објектот кој е целосно запоставен од општината и Музејот. Додава и дека за овие 20 години, колку што здружението го поддржува локалитетот, во неговото заживување и одржување се вложени 400.000 евра од донатори. До сега немало проблем со ниеден градоначалник, се’ до доаѓањето на актуелниот, Тодорче Николовски.  

Приватен интерес на градоначалникот?

-Општината, односно градоначалникот сака објектот што е изграден преку нашиот проект „Информативен центар“ да му се предадат клучевите на него, а тој после приватно на кого сака да си го даде. Тоа нема да се случи и затоа имаме судски спор. Само тоа е главното прашање. Иначе ние сме сервис на општината без никаков надомест да ги вршиме нивните работи, изјави Милош Димитровски за Канал 77.

На прашањето по која основа здружението управува со локалитетот, кога надлежноста е на општината и Музејот, Димитровски вели дека Куклица е делумно во приватна сопственост и со неговото здружение ги склучило договор со сопствениците.

-Ние имаме информативен центар изграден преку наш проект во самиот локалитет. Имаме постигнат и нотарски заверен договор со сопствениците,  за трајна правна службеност. Површината на локалитетот не се на државата и на општината, има и приватни парцели, тврди Димитровски, кој  забележува на негрижата од институциите, поради што тие ја презеле грижата за локалитетот.

-Општината согласно Законот за управување треба да си постави чуварска служба, треба да се постави туристички водич, треба да се изработи годишна програма, треба да се изработи план за управување, бидејќи ова е заштитено подрачје. Ништо од тоа немаат, само клукат, фрлат, плукаат врз здружението „Извор“. А во овие 20 години се’ е направено преку наши проекти. Значи општината има нула инвестиција, нула…, а ние имаме некаде околу 400,000 евра преку меѓународни институции, па и домашни, како Министерство за животна средина, коешто е надлежно според законот да врши надзор, контрола, мониторинг и да дава мислење и одобрување за одредени активности. Ние спроведовме неколку проекти за заштита, промоција и унапредување на локалитетот во последните години со одобрени од Министерство за животна средина. Општината не’ тужи за узурпација. Која е узурпација?! Кој ги спречува нив да влезат да си вршат активности согласно законот?!, прашува Милош Димитровски од „Извор“.

Кој наплаќа и зошто?

Како дел од проектите за заштита, здружението поставило капија, но секој може да влезе, штандови и информативен центар, каде работат, како што вели Димитровски, туристички водичи. Како што објаснува, за потребите на посетителите, здружението склучило нотарски потпишан договор со приватни сопственици на земјиштето и како што вели, ако нешто некому му било наплатено, веројатно е за паркинг.

-Влезница никогаш не е наплатено колку јас сум информиран. Може да се наплати паркинг, ако некој наплатил. Иако и тоа не треба. Ама ете можеби тој човек што ќе седи таму цел ден мора да има нешто за да го исфрли ѓубрето за да исчисти. Тоа си го прави во приватната парцела. Ако некој сака услуга да му се направи информативна, односно да биде со информативен туристички водич, да го спроведе, да го прошета и да го врати како што и доаѓаат од Скопје туристички водичи, доаѓаат од Штип доаѓаат од сите градови си имаат туристички водици. Имаме и ние од Кратово два-три туристички водичи што вршат услуги, вели Милош Димитровски.

На интернет страната на Општина Кратово во делот за Куклица се објаснува дека „камените кукли“ во с. Долна Куклица се најмаркантна појава на земјани столбови-пирамиди во Македонија.

„Станува збор за околу 150 поединечни форми, „кукли“ изградени во вулкански карпи и високи од 4 до 10 m. Настанати се со дождовна ерозија и распаѓање на карпите, при што поцврстите карпести партии или делови заштитени со цврст блок, постепено останале да се извишуваат во релјефот како нееродирани изданоци. Со изгледот на „куклите“ и нивниот постанок се поврзани неколку локални преданија, а појавата од месното население се нарекува „Весела свадба“. Согласно Законот за заштита на природата локалитетот Куклица во 2008 година е прогласен за заштитено подрачје од трета категорија – споменик на природата. Ова се должи поради тоа што претставува комплекс од зачувани гео-форми и е своевиден геоморфолошки споменик на природата со исклучително образовно, туристичко и културно значење.

Управувач на локалитетот е општината Кратово, а сите активности за заштита и управување на локалитетот го врши со помош на неколку локални невладини организации, пишува на сајтот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ