Дистрибутерот за Левис, бизнисменот Марјан Јованов, алијас Мане Левис, вчера бил пронајден мртов во базенот во дворот на неговата куќа во населбата Карпош во Скопје. На пошироката јавност, Јованов ѝ беше познат и по неговата наводна вмешаност во случајот на СЈО, „Шпански скали“, каде првоосомничен беше Миле Јанакиески. Подоцна Јованов беше ослободен од вина.
За смртта на Јованов Министерството за внатрешни работи соопшти дека на 28 јуни 2026 година, околу 18:15 часот, било пронајдено безживотното тело на М.Ј. (58) од Скопјe во базен во неговиот двор.
Лекарот од Итната помош ја констатирал смртта, додека надлежните соопштија дека не се забележани видливи знаци на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото е испратено на обдукција.
Причините за смртта сè уште се непознати и се очекува да бидат разјаснети по завршувањето на обдукцијата, додека надлежните институции продолжуваат со истрагите за целосно расветлување на случајот.





