Македонската космодиск ситуација „делува шашаво, ама функционира“ со млекото е ваква: Не само што не расте откупната цена од сточарите, туку за само половина година се намалила за 8 денари. Ако на крајот од лани изнесувала 32 денари за литар, сега литар кравјо млеко се откупува за 24 и 26 денари. Во маркетите е спротивна ситуацијата – литар млеко се множи со 4 и 5. Кој профитира?
Згора на се’, сточарите повеќе од една година чекаат субвенции, како и премијата за млекото. Утре е последниот ден за исплата на субвенциите. Поради тоа, земјоделците од Пелагонија денеска излегоа на протест во Битола пред Министерството за земјоделство и побараа млекото да биде стратешки производ со заштитена цена, односно Владата да формира цена.
Сточарите изнесоа податок дека сточниот фонд за само неколку години е намален за 60 отсто.
-Луѓето добија виза и си одат за Австралија. Други сточари од моето здружение велат ќе ги продадам кравите ќе барам работа, ние сме возрасни и нема каде да одиме“, изјави Тони Петковски, сточар и претседател на здружението „Пелагонско поле“.
Идентично е и со козјото млеко. Поради неисплатените субвенции и немање откуп, во Пелагонискиот регион останале само четворица одгледувачи на кози.
-Дневно вадам по 150 литри млеко, каде да го носам? Дома во моментот имам 50 канти козјо сирење и нема каде да го продадам, не оди ни по цена од 400 денари за кг. Што да правам со 60 јарињa кога немам откуп? Државата ми должи на име на субвенции 5.500 евра, вели сточарот Рамиз Шилевиќ.
Земјоделците побараа брза исплата на заостанатите субвенции, во спротивно најавија голем протест во Скопје.






