Белгија убедливо ја прескокна пречката наречена Соединетите Американски Држави, а веднаш по натпреварот испрати порака што одекна на социјалните мрежи.
Белгијците победија со 4:1 и се пласираа во четвртфиналето на Светското првенство, но по последниот свиреж на судијата, повеќе се зборуваше за нивното соопштение отколку за самиот резултат.
На официјалните профили на белгиската репрезентација беше објавена фотографија од Ромелу Лукаку, кој ги замолчува домашните навивачи со гест по голот за 4:1, со кратка, но многу јасна порака:
„Overturn this.“(„Поништи го ова.“)
Објавата беше директна алузија на контроверзноста што му претходеше на натпреварот.
Имено, американскиот напаѓач Фоларин Балогун доби директен црвен картон против Босна и Херцеговина и според правилата, тој автоматски мораше да го пропушти осминафиналниот натпревар. Сепак, пред натпреварот, ФИФА го суспендираше извршувањето на казната и му дозволи да игра против Белгија.
Ваквата одлука предизвика бројни реакции во фудбалската јавност, особено по наводите дека американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и побарал суспензијата на Балогун да се преиспита.
Белгиската фудбалска асоцијација потоа ја обвини ФИФА за недостаток на транспарентност во донесувањето на одлуката и најави правни чекори.
По убедливата победа, Белгијците не го криеја своето задоволство.
„Секогаш има правда во животот. Сметавме дека она што се случи не е фер, а денес го дадовме одговорот на теренот“, рече белгискиот играч од средниот ред, Николас Раскин.
Балогун ги одигра сите 90 минути против Белгија, но не успеа да им помогне на домаќините, додека Белгијците со доминантна игра изборија место меѓу осумте најдобри и испратија јасна порака дека веруваат дека правдата е задоволена на теренот, пренесува Нова.рс.

