Кочани: „Локални шерифи нема да постојат“ – Директорот на БЈБ за бегството на Цуната

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска беше во вонредна посета на Полициската станица во Кочани, по петочното бегсство преку прозорец на приведеното лице Александар Лазаров Цуната, кај кого во возило била пронајдена бела прашкаста материја.

„Попладнево сум во Кочани со дел од мојот тим, лично да се информирам за сите детали и околности поврзани со настанот од петокот, кој сериозно ја наруши довербата во полициската служба.

Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки.

Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност.

Внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица.

Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес.

Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност.

Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници.

Во тек е темелна проверка и ќе следуваат јасни мерки за секој што го прекршил законот, процедурите или довербата што му е дадена.

И граѓаните и јас сме разочарани од несовесното и неодговорно работење.

Пораката е јасна: законот мора да важи еднакво за сите.

Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност.“ – изјави Јанев од Кочани.

Денеска МВР распиша меѓународна потерница по Александар Лазаров.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ