Од чувар во Македонска навигација (М-НАВ), Сашо Славески, брат актуелниот гувернер на Народната банка, Трајко Славески Управниот одбор го унапредил „асистент за обука и координација“, иако за тоа, како што се наведува во поднесената кривична пријава, не биле исполнети законските услови.
Со новата позиција неговата плата се зголемила од околу 50.000 на речиси 100.000 денари, што значи дека за 14 месеци добил повеќе од 7.000 евра дополнителни примања, сума што се смета за штета на буџетот на М-НАВ.
Поради неговото унапредување, тројца членови на Управниот одбор на М-НАВ добија кривична пријава за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и повреда на правата од работен однос. Фокус ја сподели кривичната пријава:
„На 19.02.2025 година, обвинетите Владимир Ристески, Милан Корач и Фатмир Зимбери, во својство на членови на Управниот одбор на Акционерското друштво за обезбедување услуги за воздухопловна навигација М-НАВ Скопје, на 13-тиот состанок на Управниот одбор, свесно и намерно, постапувајќи спротивно на повеќе закони и подзаконски акти, донесоа две поврзани одлуки со кои овозможија незаконско унапредување на вработен. Првично, тие донесоа одлука со која договорот за вработување на вработениот Сашо Славески, кој дотогаш ја извршуваше должноста „Чувар на објект – Охрид“ во Одделот за општи работи, се менува и е назначен на работното место „Помошник за обука и координација во Одделот за воздухопловни информации (АВИ) во Секторот за воздухопловна навигација“, со важност од 1 март 2025 година. Оваа одлука претставува суштинско унапредување на вработениот на „повисока, посложена и подобро платена позиција, обезбедувајќи му значителна финансиска корист“, се наведува во кривичната пријава поднесена до Основното јавно обвинителство.






