Градоначалникот на Штип Иван Јорданов најави средби со станарите, фиксни цени за услугите на управителите и мерки за заштита на граѓаните од нелојална наплата.
Неколкудневниот проблем со исклучената вода во станбена зграда, кога три влеза останаа без вода во овие врели летни денови поради несанирана цевка внатре, извади на површини сериозен проблем со управителите на згради. Станарите плаќаат секој месец по 500 – 600 денари, а кога доаѓа до сериозен проблем, нема кој да го реши. Поради тоа, Општина Штип најавува серија мерки за решавање на долгогодишните проблеми со управувањето на колективните станбени згради. Градоначалникот Иван Јорданов порача дека ќе се стави крај на злоупотребите од страна на дел од управителите, а преку ЗЕЛС и Регулаторната комисија ќе се иницира утврдување фиксна цена за нивните услуги.
Според Јорданов, голем број станбени згради во Штип немаат избрано управител, а таму каде што има, постојат сомнежи дека дел од компаниите не ги исполнуваат обврските што ги презеле со договорите склучени со станарите.
„Не може граѓаните да добиваат нерегулирани фактури за одржување или за нови инвестиции. Цената мора да биде јасно утврдена, а услугата што ја плаќаат да биде квалитетна и контролирана“, истакна Јорданов.
Тој најави дека во наредниот период лично, заедно со инспекторите за домување, ќе одржи средби со претставниците на сите колективни згради, со цел граѓаните да бидат информирани за своите права и законски обврски.
-Сето ова мора да биде исконтролирано за да не дозволиме во иднина да имаме злоупотреби од страна на приватните компании кои се оператори, управители на згради и од друга страна граѓаните пак да немаат колективна и законска обврска и одговорност во рамки на едно колективно и заедничко домување. Ако можам да сублимирам, како локална самоуправа ќе бидеме посредник за сите проблеми кои настануваат во рамки на станбените згради. Штип е град кој има голем број на станбени згради, рече Јорданов.
Во регистарот на Општина Штип има околу 400 колективни станбени објекти, од кои голем дел се стари згради со дотраени внатрешни инсталации. Јорданов потсети дека тие инсталации се приватна сопственост и општината нема законска надлежност да ги реконструира, но ќе посредува меѓу станарите и управителите за побрзо решавање на проблемите.
-Граѓаните треба да бидат информирани за правата и обврските кои ги имаат во едно колективно домување, затоа што на дневна основа се случува да имаме недостаток на вода со денови, што не смее да се дозволи. Општината планира технички решенија со кои дефектите во една зграда нема да предизвикуваат проблеми во цели населби, туку ќе можат да се изолираат и полесно да се санираат, најавува градоначалникот.
Во зграда во населбата 8 Ноември во Штип а населбата 8-ми Ноември, на улицата „Енгелсова“, дојде до прекини и проблеми во водоснабдувањето. Од ЈП Исар, кое е задолжено за водоснабдување на градот соопштија дека во водоводната мрежа нема никаков дефект.
„Системот на претпријатието функционира целосно и без прекини. Проблемот со водоснабдувањето е лоциран во внатрешниот систем, односно кај приватната фирма која е законски задолжена за тековно одржување на самите згради на улица „Енгелсова“, соопштија од ЈП Исар.





