Бројот на заболени од загадената вода во Гостивар значително се намалува, а институциите се насочени кон целосно надминување на кризата и нормализирање на водоснабдувањето. Ова го изјави градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, оценувајќи дека преземените мерки веќе даваат резултати.
Според Лимани, во текот на изминатата недела навремено биле преземени сите неопходни мерки, по што состојбата почнала постепено да се стабилизира.
„Бројот на пациенти кои побарале медицинска помош во гостиварската болница драстично опаѓа. На 27 јули имавме околу 50 проценти помалку пациенти во споредба со претходните денови, а и вчера бројот дополнително се намали. Тоа покажува дека епидемијата полека се смирува“, рече Лимани.
Тој истакна дека паралелно со здравствената состојба, општината работи и на обезбедување вода за граѓаните. Во координација со соседните општини, институциите и ЗЕЛС, биле обезбедени цистерни со вода за пиење, како и техничка вода за секојдневните потреби на населението.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, денеска се очекува по заседанието на Управувачкиот комитет за кризни ситуации да се донесат одлуки и да се одобрат планови за враќање во функција на гостиварскиот водовод.
Во меѓувреме, Обвинителството испитува дали анализите на водата во Гостивар редовно ги спроведувале Центарот за јавно здравје на Гостивар и Институтот за јавно здравје, и зошто овие анализи не ја откриле контаминацијата на водата навремено.






