Ортопедското одделение и салата за ортопедски операции претрпеа најголема штета синоќа по паѓањето на покривот од невремето во Штип. Поради тоа, Клиничката болница – ги информира болниците и другите здравствени установи пациентите да ги пренасочуваат кон другите болници. Лежечките пациенти, уште од синоќа се префрлени на другите одделенија, додека не се санираат штетите.
-Ве замолуваме во текот на следните денови до санирање на нанесената штета, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничка болница Штип, бидејќи нема да можат да бидат адекватно третирани. Во следните денови ве замолуваме пациентите да ги препраќате во другите центри со цел да го добијат соодветниот натамошен третман – стои во известувањето од Клиничката болница.
Во силното невреме вчера доцна попладне во Штип, летна лимениот покрив на главната зграда на штипската Клиничка болница. Таму подолго време не се прават посериозни реконструкции, во исчекување да продолжи изградбата на новиот објект на болницата, кој е во застој не со месеци, туку со години.






