Ништо ново. Велешкото Езеро и ова лето како и изминатите две, е целосно забрането за капење и рекреација. Претераната урбанизација си го зема данокот. Анализите на Институтот за јавно здравје од водата земена од Градската плажа и хотелот Романтик покажаа присуство на цијанотоксини и цијанобактерии, амонијак, а на површината плива желатинозна смеса во зеленкасто – кафеава боја. Зголемено е присуството на зелени алги, а цели зелени површини се движат низ езерото.
-Водата не смее да се користи за капење и рекреација се додека од стручна институција нене се докаже отсуство на цијанобактерии, но и цијанотоксини, пишува во Извештајот од анализата на водата од страна на ИЈЗ, објавен на 21 јули.
Во една реченица – исто како ланското лето и тоа пред него.
Минатата година Владата издвои 10 милиони денари за итен спас на Велешкото Езеро. Оваа финансиска интервенција не следаше веднаш откако Хидробиолошки завод од Охрид во јули 2024 година низ анализа потврди дека езерото е полно со фекалии. Од тогаш до сега, се издаваат забрани за било какви активности.
Хидробиолозите препорачаа итна интервенција со кислород и чистење на желатинозните наслаги. Исто така како една од мерките е предложено да се направат дополнителни бушотини за внес на свежа вода во езерото. Како основа за долгорочено решение е предложена ревизија на проектот за поврзување со цевковод од Лисиче до Младост. Но, и по две години, езерото идентично како и лани. Ако некогаш Велешкото Езеро беше спас од летните горештини, а Градската плажа место за рекереација и одмор на луѓе од околните градови и места, сега е тажна слика на последиците од прекумерната урбанизација и бавното умирање на реткиот екорезорт.






