Факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе ги објават конечните ранг-листи за примени студенти во прва година во академската 2026/2027 година од првиот уписен рок, кој беше организиран на 18 и 19 август. Запишувањето на примените кандидати ќе биде на 3 и 4 септември.
Со конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети на најстариот и најголем универзитет во државава беа слободни вкупно 8851 место за бруцоши во новата студиска година, која ќе почне на 1 октомври.
Од вкупниот број слободни места, 4395 се за студенти во државна квота (редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет), 3621 за редовни студенти кои плаќаат школарина, т.е. ги кофинансираат студиите и 835 за вонредни студенти.
Најголем број студенти (над 500) на разни студиски програми и оваа година примаат Медицинскиот факултет (950 места), ФИНКИ (800), ФЕИТ и Машински по 600, Природно-математичкиот (626), Економскиот 655, Правниот факултет 555, Филозофскиот 635 и Филолошкиот факултет 805.
Прочитајте исто така: Пријавување за студии на УКИМ, слободни над 8800 места
Студентите во државната квота се запишуваат со плаќање надомест за студиите, во износ од 200 евра во денарска противвредност, студентите во квотата за кофинансирање и вонредните плаќаат школарина од 400 евра.
Вториот рок за пријавување за упис на УКИМ ќе биде на 10 и 11 септември и третиот на 23 септември на факултетите на кои ќе останат слободни места.
Пред пријавувањето во роковите утврдени со конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот. Бројот којшто кандидатот автоматски го добил од системот за електронското пријавување треба да се внесе и во пријавата што се поднесува при пријавувањето за запишување. Пријавувањето се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултети. МИА








