Невропсихијатарот Дудучки за обвинетиот за сериските убиства во кумановско: „Глуми лудило“ – смртната казна би била превенција

Утре продолжува судењето за четири убиства и два обиди за убиство на жени во кумановско. Невропсихијатарот д-р Мице Дудучки, анализирајќи го однесувањето на обвинетиот Трајко Бојковски и јавно достапните информации за случајот, вели дека треба да се испитаат планирањето, изборот на жртвите и можниот користољубив мотив.
  • Однесувањето на обвинетиот во судницата го анализира д-р Мице Дудучки, невропсихијатар со повеќедецениско искуство и долгогодишен судски вештак.
  • Дудучки: Да се испита планирањето и изборот на жртвите
  • Шест напади од јануари 2025 до февруари 2026 година

Во Основниот суд Куманово, утре, понеделник, 31 август, продолжува судењето на 25-годишниот Трајко Бојковски од Драгоманце, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени.

Станува збор за случај што ја потресе јавноста, а особено жителите на селата Челопек и Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, каде што, според обвинението, се случувале дел од нападите. Бојковски, кој се занимавал со чување добиток, на првото судско рочиште не ја призна вината.

Слушај радио во живо

Дудучки: „Глуми лудило“

Однесувањето на обвинетиот во судницата го анализира д-р Мице Дудучки, невропсихијатар со повеќедецениско искуство и долгогодишен судски вештак.

Дудучки, кој не е директно вклучен како вештак во овој предмет и својата анализа ја темели на јавно достапните информации, вели дека кај сериските убијци се среќава нарушен систем на вредности и одредена психопатологија.

„Дали тука преовладува некаква психосексуална извитопереност, первертираност во вид на можна некрофилија или, пак, некој вид садизам, каде што жртвите не само што се лишуваат од живот, туку се и понижени преку физичко и психичко малтретирање – тоа би бил портрет на еден таков сериски убиец“, вели Дудучки.

Фото: д-р Мице Дудучки, невропсихијатар

За однесувањето на обвинетиот на првото рочиште, Дудучки вели:

„Се работи за личност која во просториите на судот покажува псевдодементно однесување, а ние психијатрите тоа го нарекуваме Ганзеров синдром, односно глумење лудило, со цел – “не се сеќавам“.

Според него, таквото однесување може да претставува свесна или потсвесна одбрана. Тој нагласува дека постоењето психопатологија само по себе не значи дека едно лице е непресметливо.

Конечната оценка за психичката состојба и пресметливоста на обвинетиот ја носи судот врз основа на вештачењата и останатите докази.

Прочитајте и ова:

Се смеел и гледал во плафон – Одложено судењето на серискиот убиец Трајче,  Обвинителството ќе докажува дека е некрофил

Прочитајте уште на темата:

Овчарот од Драгоманце прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид во земјата, вели обвинителот Лапе

Дудучки: Да се испита планирањето и изборот на жртвите

Дудучки смета дека фокусот не треба да биде само на можната некрофилија, туку треба да се испита дали делата биле однапред планирани, како биле избирани жртвите, дали постоел користољубив мотив и дали обвинетиот евентуално добивал информации или помош од друго лице.

„Анализирајќи ги податоците од медиумите, се гледа дека таа личност и текако ги планирала своите активности, примарно преку грабеж, преку насилништво, преку кражби, што значи дека сите тие активности биле со умисла“, вели Дудучки.

Тој смета дека Обвинителството треба да испита дали жртвите претходно биле набљудувани и избирани затоа што биле сами и немоќни, како и дали постоел елемент на стекнување противправна имотна корист.

Фото: Место на убиство

Дудучки: Смртната казна би била превенција

Дудучки изнесе и личен став за казнувањето на сторителите на најтешките кривични дела.

„Јас сум поборник на смртна казна кога се работи за убиства со умисла, посебно од користољубие“, вели Дудучки.

Според него, смртната казна би имала и превентивна функција – како предупредување за оние кои размислуваат или планираат да извршат слично тешко кривично дело.

Станува збор за личен став на Дудучки. Смртната казна не е предвидена во македонскиот правен систем, каде за намерно лишување од живот на повеќе лица може да биде изречена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Шест напади од јануари 2025 до февруари 2026 година

Основното јавно обвинителство Куманово на 19 јуни поднесе обвинителен акт против Бојковски за четири кривични дела убиство од квалификуван облик и два обиди за убиство.

Според Обвинителството, извршените вештачења упатуваат дека делата биле извршувани од ниски побуди, односно „со намера да ги задоволува своите полови страсти спрема мртви женски тела“, се наведува во обвинението.

Според обвинението, првиот од шесте настани се случил ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во Клечовце, каде обвинетиот, како што тврди Обвинителството, влегол во куќата на повозрасна и немоќна жена додека спиела и физички ја нападнал и задушувал. Жената починала од здобиените повреди.

Фото: Владимир Лапе, обвинител

Следното убиство, според обвинението, се случило меѓу 5 и 7 јуни 2025 година во Драгоманце, каде на сличен начин била лишена од живот уште една жена.

На 22 јули 2025 година во Челопек следувал напад врз жена која успеала да преживее откако почнала да го повикува својот син, по што напаѓачот избегал.

Во вечерните часови меѓу 17 и 18 јануари 2026 година во Старо Нагоричане била убиена помлада жена за која, според обвинението, обвинетиот знаел дека е сама.

Меѓу 5 и 6 февруари 2026 година во Челопек била убиена уште една повозрасна и немоќна жена.

Последниот напад опфатен со обвинението се случил на 9 февруари 2026 година во Челопек. Жената го преживеала нападот откако обвинетиот, според Обвинителството, слушнал звук, се исплашил и избегал.

Меѓу жртвите е и 35-годишната Марија Маринковска, која првично била погребана откако нејзината смрт не била третирана како насилна. По ексхумацијата и дополнителните вештачења било утврдено дека станува збор за насилна смрт.

Нејзиниот татко, Зоран Маринковски, претходно раскажа дека Марија го познавала обвинетиот и дека се жалела оти ја следи и ѝ додева. Според семејството, случајот бил пријавуван и во полиција.

Две жени успеале да ги преживеат нападите – Слободанка Арсовска и Росанка Трајковска.

Фото: Куќата на Росанка

„Не правеше инциденти, ги пасеше овците“

За тоа како обвинетиот живеел пред случајот да излезе во јавноста зборува Владо Јакимовски, жител на Драгоманце и поранешен директор на локалното училиште.

„Јас сум поранешен директор на училиштето, тој тука живее во близина на школото. Го чуваше добитокот. Не правеше инциденти, ги пасеше овците. Неговата мајка, која се премажи тука, го донесе Трајко и буквално тој им беше слуга“, изјави Јакимовски.

„Ја познавам и жртвата која потекнува од нашето село. Таа живееше и работеше во Австрија и тука како пензионерка се врати и си живееше. Навистина сме вознемирени, немавме вакви случаи, мора да се заклучуваме, да внимаваме“, изјави Јакимовски.

Фото: Зоран Маринковски, татко на жртвата

Мајката тврдеше дека имал психички проблеми

На првото судско рочиште на 9 јули не присуствуваше никој од семејството на обвинетиот.

Неговата мајка уште на почетокот на истрагата тврдеше дека нејзиниот син не е виновен, дека имал психички проблеми, тешко комуницирал и дека го носела на лекар. Таа тогаш тврдеше и дека мештаните им љубомореле затоа што семејството имало 250 овци.

На првото рочиште однесувањето на обвинетиот привлече внимание. Гледаше кон таванот, се држеше за главата, испушташе звуци и во почетокот не одговараше на дел од прашањата. Подоцна изјави дека не се чувствува виновен и не ја призна вината.

По неговото изјаснување, тогашниот бранител Драган Трајковиќ го откажа полномошното, а судењето беше одложено за 31 август.

Текст и фото: Сузана Андоновиќ

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ