„Од прашањата што обвинетите денес ги поставуваат на вештаците, излегува нешто многу поважно од она што веројатно сакаат да го постигнат со својата одбрана – покажуваат колку добро ги познавале аномалиите и неправилностите во „Пулс““ – посочуваат во реакцијата родителите и семејствата на загинатите од Пулс по денешното рочиште од судскиот процес за трагедијата.
„И токму тука се наметнува суштинското прашање: ако знаеле – зошто не постапиле?
Не може денес детално да ги набројувате пропустите, опасностите и неправилностите, а истовремено да тврдите дека со години не сте имале причина да реагирате.
Затоа судот треба да утврди кој знаел, што знаел, од кога знаел и зошто молчел.
Ако доказите покажат дека опасностите им биле познати, а свесно не презеле ништо во рамките на своите надлежности, тогаш веќе не зборуваме само за институционален пропуст. Се отвора прашањето за свесно непостапување и за степенот на нивната кривична одговорност.
Од одговорот на тоа прашање не може да се избега со бескрајно испрашување на вештаците.
Затоа што 63 човечки животи се цената на тоа непостапување.“ – се вели во реакцијата од здружението на семејствата на загинатите „16-ти март 2025“.




