Опфатот со МРП-вакцината е далеку под потребното ниво.
Здравствените власти стравуваат од можен ризик поради состојбата во соседството.
ИЈЗ веќе подготвува активности за зголемување на вакцинацијата кај децата.
Морбили се причина за зголемена внимателност кај здравствените власти. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска апелираше родителите поревносно да ги вакцинираат децата, особено поради растот на бројот на случаи во Косово и Бугарија.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
- Сакам да упатам апел до сите, поревносно да пристапат кон вакцинација против морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 проценти, ова го кажуваат од Институтот за јавно здравје. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија. Така што, имаме причина веќе да почнеме со ова алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели преку повеќе активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили, односно да се зголеми опфатот за да превенираме можна епидемија на морбили во државата – истакна Клековски.
Морбили и нискиот опфат со вакцинација
Според податоците презентирани на прес-конференцијата за извештајот за 2025 година, кај ниту една од вакцините што се примаат како прва доза во редовниот календар не е достигнат посакуваниот опфат од 95 проценти.
За хепатитис Б опфатот изнесува 77 проценти, за хемофилус инфлуенца 78 проценти, додека кај вакцините против дифтерија, тетанус и пертусис е 79 проценти.
Кај вакцината против полио опфатот исто така изнесува 79 проценти. МРП-вакцината, која штити од морбили, рубеола и паротит, има опфат од 62 проценти.
Низок е и опфатот со ХПВ-вакцината, кој изнесува 51 процент. Кај ротавирусната вакцина опфатот е 64 проценти, додека кај пневмококната е 80 проценти.
Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразните заболувања при Институтот за јавно здравје, посочи дека состојбата со ревакцинацијата е нешто подобра.
- На пример, кај МРП-вакцината, тука веќе имаме 85 % кај ревакцината – рече Кочински.
Сепак, според него, ниту овој резултат не е доволен за создавање колективен имунитет.
- Но, рече тој, мора да се напомене дека сепак тоа не е доволно за да се створи колективен имунитет. За тоа е потребно, како што појасни тој, да имаме минимум 95 % и на национално, но и на регионално ниво.
Видете исто така: Мртов гавран со вирус на западнонилска треска во Ресен
Највисок опфат на вакцинација, според презентираните податоци, бил постигнат до 2019 година. Тогаш во земјата имало и епидемија, по што биле преземени противепидемиски мерки со вакцинација.
Нема епидемија, но се зголемува вниманието
Кочински посочи дека во моментов во Македонија нема епидемија на морбили. Сепак, состојбата во соседството е причина за подготовка на дополнителни активности.
- Во моментот нема епидемија во Македонија, но бидејќи имаме во соседството, ние веќе се подготвуваме и се планираат активности за мотивација на родителите да ги вакцинираат своите деца – додаде Кочински.
Во рамки на Националната програма за јавно здравје веќе се спроведуваат редовни активности на Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје.
Тие вклучуваат проверки на вакциналните пунктови, пребарување на невакцинирани деца, посети на училишта и предавања, како и едукација од страна на епидемиолозите.
Од здравствените власти посочуваат дека овие активности се спроведуваат континуирано.
На новинарско прашање за достапноста на вакцините, Кочински одговори дека вакцини има доволно.
Состојбата со нискиот опфат, сепак, останува главниот предизвик. За колективен имунитет потребен е опфат од најмалку 95 проценти, и тоа не само на национално, туку и на регионално ниво.
Поради тоа, здравствените власти најавуваат дополнителни активности во наредните денови и недели со цел да се зголеми интересот за вакцинација.
Клековски упати апел до родителите да ги вакцинираат децата, додека ИЈЗ најави продолжување на активностите за пронаоѓање и опфаќање на невакцинираните деца.
На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за извештајот за водата во Гостивар.
Клековски информираше дека епидемиолошкиот извештај е готов и бил доставен до други институции надвор од Министерството за здравство, каде што треба да биде разгледан и коментиран.
Здравствените власти засега ја оценуваат состојбата со морбили како ризик за кој е потребна превентивна реакција, но не и како актуелна епидемија во земјата.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА.




