Многу граѓани на Франција, Германија и Шпанија не знаат која е Урсула фон дер Лајен

Урсула фон дер Лајен не успеа да ги освои срцата и умовите на граѓаните на ЕУ, ако воопшто ја познаваат. Во анкетата на „Политико“ спроведена од агенцијата за анкети „Паблик фрст“ во три земји од ЕУ, само околу еден од пет испитаници во Германија и Шпанија рекле дека претседателката на Европската комисија добро си ја врши работата. Во Франција бројката била само 12 %.

Речиси една третина од испитаниците во Шпанија и Франција, како и 45 % од оние во Германија, рекле дека Фон дер Лајен лошо си ја врши работата. Негативната оценка во матичната земја на Фон дер Лајен е во голема мера поттикната од луѓе што велат дека би гласале за крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), при што повеќе од половина од тие гласачи ја опишуваат нејзината работа како „многу лоша“.

Во Франција и Шпанија значително повеќе луѓе велат дека ја оценуваат нејзината работа ниту како добра ниту како лоша, немаат мислење за ова прашање или никогаш не слушнале за неа.
Повеќе од еден од пет испитаници од Франција рекле дека не знаат која е Фон дер Лајен во споредба со 10 % во Шпанија и само 5 % во Германија.

Анкетата е објавена само неколку часа пред Фон дер Лајен да ја претстави својата визија за иднината на блокот во нејзиното годишно обраќање за состојбата на Унијата.

„Фон дер Лајен се соочува со истото антиполитичко расположение, што доведе до соборување лидери во цела Европа и таа ќе мора напорно да работи за да ги убеди Европејците дека секоја агенда на ЕУ ќе ги реши нивните широкораспространети загрижености за трошоците за живот“, рече Себ Рид, раководител на анкетите во „Паблик фрст“, партнер на „Политико“ за анкетата.

Анкетата исто така покажува дека малку граѓани ќе го гледаат говорот на Фон дер Лајен во живо.

Во сите три земји околу еден од десет испитаници рекле дека внимателно ќе го следат говорот, а околу една третина рекле дека ќе го следат донекаде. Германците почесто обрнувале внимание на говорот. Во Шпанија и Франција повеќе од половина од испитаниците рекле дека или нема да го следат обраќањето, иако слушнале за него, или никогаш не слушнале за него.

Тие бројки веројатно дури и преувеличуваат колку испитаниците, всушност, знаеле или биле заинтересирани за говорот за состојбата на ЕУ бидејќи испитаниците исто така рекле дека ќе следат фиктивна „европска конвенција за авторитет“.

Анкетата беше спроведена помеѓу 13 и 15 септември и во неа учествуваа повеќе од 2.000 возрасни лица во Франција, Германија и Шпанија. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ