Договорот за вселената од 1967 година, парафиран и од САД и од Кина, предвидува дека небесните тела како Месечината треба да се користат „исклучиво за мирни цели“
Американските вооружени сили треба да се подготват за борбени дејствија не само во орбитата околу Земјата, туку и околу Месечината, изјави висок воен советник на претседателот Доналд Трамп, навестувајќи нов фронт на воените дејствија откако САД за првпат открија дека имаат распоредено оружје во вселената.
Генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот комитет на началниците на штабовите, пред воени лица и претставници на наменската индустрија на конференцијата „Воздух, вселена и кибер-простор“ изјави дека американските вооружени сили треба уште сега да се приспособат за да бидат „подготвени да се борат, да издржат и да победат, од морското дно до просторот меѓу Земјата и Месечината“.
„Човештвото навлегува сè подлабоко во вселената, а задачата на Вселенските сили е да помогнат во подготвеноста за заштита на интересите на САД“, изјави пред новинарите генерал-потполковник Грегори Гањон, раководител на Командата за борбени операции на тој армиски род.
Соопштението дека американските вооружени сили се подготвуваат за борбени дејствија во просторот меѓу високата орбита околу Земјата и самата Месечина доаѓа неколку дена откако секретарот на Военото воздухопловство Трој Мејнк на истата конференција што се одржува во близина на Вашингтон откри дека САД распоредиле „оружје за контрола на вселенскиот простор во орбитата“.
Серијата изјави на американски воени претставници во врска со вселенското оружје во последните неколку дена е во спротивност со долгогодишните конвенции и меѓународни договори според кои вселенскиот простор треба да се користи исклучиво за мирни цели и да остане демилитаризиран.
Иако повеќе земји, меѓу кои и САД, демонстрирале способност за соборување сателити во орбитата околу Земјата, тие акции биле изведени од Земјата исклучиво против сопствени сателити. Според Гањон, сепак, „разузнавачката заедница јасно укажа дека потенцијалните противници настојуваат да ги пренесат воените дејствија во вселената“, на што истакна дека американските вооружени сили треба да реагираат.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Договорот за вселената од 1967 година, парафиран и од САД и од Кина, предвидува дека небесните тела како Месечината треба да се користат „исклучиво за мирни цели“, дека во вселената не може да се распоредува нуклеарно оружје и оти државите носат „одговорност за штетата предизвикана од нивните вселенски објекти“.
Запрашан за Договорот од 1967 година и другите слични обврски, Гањон изјави дека Вселенските сили на САД „ќе продолжат да спроведуваат безбедни и одговорни вселенски операции во сите делови на вселенскиот простор“.
Гањон исто така посочи дека САД имаат цел да го удвојат бројот припадници на Вселенските сили во следните пет години – на околу 25.000 воени лица, при што околу две третини од зголемувањето ќе бидат насочени кон Командата на борбените сили. МИА




