„Нашите деца денес не можат да зборуваат, ние сме нивниот глас“ – Семејствата одбележаа година и половина од трагедијата во Пулс

„Не бараме одмазда. Бараме вистина и правда“, порача Валентина Христова, мајка на Павел Христовски, на 49. „Марш за ангелите“ во Кочани. Родителите одбележаа 18 месеци од трагедијата во која животите ги загубија 63 млади лица.
Семејствата на загинатите од Пулс излегоа на Марш за ангелите по повод година и половина од трагедијата | Фото: Каровски Мартин
Семејствата на загинатите од Пулс излегоа на Марш за ангелите по повод година и половина од трагедијата | Фото: Каровски Мартин

Родителите повторно побараа целосна истрага
Прашања за безбедноста на објектот „Пулс“
Гаранција за слобода на обвинет и гаранција за вистина

Маршот за ангелите се одржа синоќа во Кочани по повод година и половина од пожарот во дискотеката Пулс, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, 157 беа тешко повредени, а вкупниот број на повредени беше над 211.

18 месеци подоцна, родителите се уште ја немаат дочекано правдата за смртта на своите најмили.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Пред Основниот суд во Кочани се обрати Валентина Христова, мајка на починатиот Павел Христовски. Нејзиното обраќање уследи и по информацијата дека за излегување од притвор на обвинетиот Дејан Јованов – Деко се нуди имот како гаранција.

„Денес слушаме за имот како гаранција за нечија слобода. А ние, родителите, прашуваме: Кој им ја гарантираше безбедноста на нашите деца кога влегоа во ‘Пулс’?“, праша Христова.

Таа посочи дека младите имале право да веруваат оти објектот во кој влегуваат е безбеден и дека институциите претходно ги провериле условите за негово работење.

Семејствата со хартиени срца во кои беа запишани имињата на загинатите со годините на раѓање маршираа низ центарот на Кочани | Фото: Каровски Мартин

„Пулс“ под лупа: Родителите бараат да се истражат сите околности

Во своето обраќање, Христова побара да се истражат сите околности поврзани со работењето на „Пулс“. Таа ги посочи реконструкцијата без одобрение и пренамената на објектот од мала индустрија во угостителски, фалсификуваната лиценца, контролите, финансиското работење, непријавувањето на концертот и пиротехниката, капацитетот на објектот и бројот на луѓе внатре, како и наводите произлезени од новинарско истражување за однапред најавувани инспекциски контроли.

„Не бараме однапред да ни кажете кој е виновен. Бараме да утврдите што се случило. Тоа не е измислување кривично дело. Тоа е истрага“, рече таа.

Христова нагласи дека родителите не бараат тие да одлучуваат кој треба да биде во притвор или на слобода.

„За притворот нека одлучи Судот, според законот и доказите. Но бараме законот да биде гаранција – гаранција дека ниту еден пропуст нема да остане непроверен, ниту една незаконитост премолчена и ниту една одговорност неиспитана.“ – додава таа.

Според неа, децата не биле должни самите да проверуваат дали објектот има соодветна лиценца и дали ги исполнува основните безбедносни стандарди.

„Нашите деца имаа една единствена работа таа вечер: да се забавуваат. И потоа да се вратат дома. Не се вратија. Никогаш.“ – вели Христова.

Семејствата прашуваат и како е стекнат имотот кој денес се нуди како гаранција за излегување од притвор на Дејан Јованов Деко | Фото: Каровски Мартин

Дејан Јованов Деко излегува од притвор за десетина дена

Дејан Јованов ќе го продолжи судскиот процес на со друга мерка, откако ќе истече максималниот законски рок за негово задржување во притвор. Кривичниот суд наведува дека обвинението било оценето на 3 октомври 2025 година.

„Ве известуваме дека, мерката притвор, определена против прво обвинетиот Дејан Јованов, од страна на кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно Законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на Законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“ велат од Основен кривичен суд – Скопје.

Судењето за „Пулс“ влегува во завршница на доказите на Обвинителството

Последното рочиште беше дел од доказната постапка во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Одбраната треба да продолжи со вкрстено испрашување на тимот градежни вештаци.

На претходното рочиште адвокатите на обвинетите упатија серија прашања до професорот Горан Марковски и професорката Душица Анѓелковиќ, кои се однесуваат на урбанистичкиот статус на објектот.

Вештаците од Градежниот факултет при УКИМ го изработиле градежното вештачење што Обвинителството го предложило како доказ во постапката.

Нивниот распит треба да биде меѓу последните активности во доказната постапка на Обвинителството. По завршувањето на овие докази, се очекува одбраната да започне со изведување на сопствените докази.

Одложено судењето за 13-те полицајци

Судењето за 13-те полицајци поврзани со „Пулс“ не се одржа на 14 септември во Основниот кривичен суд во Скопје. На рочиштето требаше да бидат сослушани сведоци во постапката против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност.

Причината за одложувањето е неприсуството на сведоците предвидени за рочиштето. Како што информира судот, некои од поканите за сведоците се вратиле како неуредно доставени или со ознака „не барал“, а за други нема доказ дека се примени.

Еден сведок, соопшти обвинителката Спасенка Андонова, телефонски потврдил дека ја примил поканата, но навел дека ќе дојде само доколку обезбеди превоз до Скопје.

Драги Стојанов: Ние губиме време, нерви и имаме голем стрес

По одложеното рочиште, Драги Стојанов, татко на Томче Стојанов, изрази незадоволство од повторното одложување и упати апел до судот да ги употреби сите механизми.

„Ние препорачуваме судот, и покрај тоа што сведоците не се доведени, уредно да ги покани, да ги повика и да стапи во контакт со нив за да се утврди причината. Ние губиме време, нерви и имаме голем стрес кога доаѓаме тука. Го повикувам судот уредно да ги покани и да ги искористи сите механизми што треба – ако е потребно, и со полициска придружба да ги доведе. Можеби некој од сведоците е под закана или не му е дозволено да дојде. Нека се изјаснат. Им препорачуваме на сведоците да дојдат и да ја кажат вистината, да не се плашат и да не подлегнуваат на закани и притисоци“ – рече тој.

49-ти Марш за ангелите | Фото: Каровски Мартин

Стојанов истакна и дека семејствата се соочуваат со притисоци од адвокатите за, како што рече „она што го зборуваме за нив“.

„Адвокатите ни се закануваат дека ќе ни поднесат кривични пријави за она што зборуваме за нив. Ќе им препорачаме пред да поднесат кривична пријава да стават прстот на глава и да си размислат, да си ги смениме страните на 10 минути и да размислат како ќе беше ако неговото дете беше тоа. Ако мисли дека со кривични пријави ќе земе пари од мене, до тие ли пари им дојде“ – рече тој.

„Ние сме нивниот глас“

На крајот од обраќањето на синоќешниот марш во Кочани, мајката на починатиот Павел, Валентина Христова, порача дека родителите ќе продолжат да бараат исход. Со солзи во очите и растреперен глас пред медиумите порача дека:

„Нашите деца денес не можат да зборуваат. Ние сме нивниот глас. И додека не ја добиеме целата вистина – тој глас нема да замолкне.“

49-ти Марш за ангелите | Фото: Каровски Мартин

Родителите со маршот одбележаа 18 месеци од трагедијата во Кочани и повторно побараа институциите да ги проверат сите околности, пропусти и можни одговорности поврзани со работењето на дискотеката на смртта.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

(Каровски М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ