Научници од 15 земји на конференцијата во Штип
Вештачката интелигенција и иднината на кривичните истраги
Правното образование пред нови предизвици
Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е домаќин на 13-тото издание на Меѓународната научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“. Дводневниот научен настан ги обединува научниците и истражувачите од различни области, кои разменуваат искуства и ставови за актуелните општествени и научни предизвици.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Деканката на Правниот факултет при УГД-Штип, Билјана Тодорова, истакна дека на конференцијата учествуваат над 100 научници и истражувачи од 15 земји во светот.
„За нас е од особено значење што и оваа година конференцијата е место каде што се среќаваат различни научни области, искуства и се споделуваат различни перспективи-вели Тодорова.

Вештачката интелигенција како алатка во кривичните истраги
Една од темите на конференцијата е примената на вештачката интелигенција во кривичните истраги и правното образование. Професорот Кејси Чу од Ендикот Колеџ од САД зборува за меѓународната соработка во развојот на наставни програми за истраги на сајбер-криминал, како и за правното образование во ерата на вештачката интелигенција.
Тој истакна дека вештачката интелигенција може да помогне во обезбедувањето информации за планирањето на кривичното дело, лоцирањето на лицата од каде дејствуваат, лицата со кои комуницираат и нивните планови. Според него, на овој начин вештачката интелигенција може да придонесе за поефикасна истрага.
„Како што на почетокот кажав, вештачката интелигенција може да ја насочува кривичната истрага. Не сакаме вештачката интелигенција да ја донесува одлуката во име на човекот за тоа кој ќе биде осомничен и како ќе се води постапката. Секогаш треба последниот да одлучува, а тоа е човекот и сè зависи од одлуката на човечкиот фактор, а не од вештачката интелигенција-вели Чу.

Вештачката интелигенција во правното образование
За потребата од воведување алатки на вештачката интелигенција во правното образование говореше и универзитетската професорка Хелга Шпадина од Правниот факултет во Осијек, Хрватска.
Таа истакна дека примената на новите технологии нема да ја намали улогата на наставникот. Напротив, според неа, наставникот во времето на вештачката интелигенција има уште позначајна улога во образовниот процес.
„Примерите на европската пракса покажуваат зошто ни е важно објаснувањето, интерпретацијата на правните норми и зошто тоа може да го направи само човекот и тој дел не може да де препушти на вештачката интелегенција, вели Шпадина.

Шпадина посочува дека разбирањето и толкувањето на правните норми остануваат важен дел од правното образование, особено во услови на зголемена употреба на алатките на вештачката интелигенција.
Конференцијата продолжува и утре
Меѓународната научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“ се одржува денеска и утре во организација на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Преку учеството на научници и истражувачи од 15 земји, конференцијата овозможува размена на научни ставови и отворање дискусии за влијанието на современите општествени и технолошки промени врз правото, образованието и институциите.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА





