Скопје од 14 до 18 октомври станува епицентар на светската кинематографија. Годинава, почесен гостин и лауреат на ИФФК Киненова е филмскиот генијалец од Туркије, смелиот и бунтовен маг на психолошката драма – Емин Алпер. Автор, кој доаѓа во Македонија во зенитот на својата слава, откако пред само неколку месеци со својот најнов ремек-дело филм „Спасение” (Kurtuluş) буквално ја покори филмска Европа и ја понесе престижната „Сребрена мечка” (Награда од големото жири) на Берлинскиот филмски фестивал. ИФФ Киненова уште еднаш докажува дека носи уметници од највисок светски ранг, признаени и крунисани од светската критика, колегите и публиката.
По повод доаѓањето во Скопје и примањето на престижната награда за особен придонес во светската филмска уметност, Емин Алпер испрати моќна и емотивна порака.
-Создавањето уметност, вклучително и филмска уметност, е секогаш задоволство само по себе. Но, кога ќе ви биде доделена толку голема награда и ќе ви биде оддадено толку високо признание, како што јас го добивам оваа година на ИФФ Киненова 2026, што покажува дека вашата работа е ценета, задоволството се претвора во блаженство!
Кога добив писмо од Небојша Јовановиќ, во кое ме извести дека ја добивам наградата за особен придонес во светската филмска уметност, почувствував огромно задоволство и возбуда. Голема чест ми е да слушнам дека моите филмови придонесуваат во светот на уметноста. Подеднакво е одлично да се добие оваа награда во соседните земји, чија култура и историја се многу блиски до мојата.
Исто така е прекрасно да се добие ова признание од фестивал кој во изминатите 10 години направи извонредно многу за светот на филмот и стана значајно и препознатливо место за вистинска филмска уметност, не само во Македонија, туку и низ целиот Балкан. Всушност, мислам дека вистинскиот придонес кон уметноста доаѓа од организаторите – познатите и непознатите херои зад ваквите фестивали.
Се заблагодарувам на Киненова за нивниот голем придонес кон светската филмска уметност и киното. Исто така, искрено се заблагодарувам за исклучителната и престижна награда и честа која ми ја прават на овогодинешното издание на фестивалот. Нестрпливо го чекам ова возбудливо патување кон Македонија!, вели Алпер во својата порака.
Подгответе се за филмска експлозија на 11. издание на Киненова, фестивалот кој веќе една деценија го носи најхрабриот филмски дух на Балканот.




