Task Force и викендов активно против недозволената трговија со дрога: 20 лица лишени од слобода
-Од 2 до 4 октомври 2026 година, припадниците на Министерството за внатрешни работи, преку координирани активности на Работниот тим – Task Force, постапуваа во 13 случаи поврзани со недозволена трговија со дрога, на подрачјето на повеќе Сектори за внатрешни работи и Регионални центри за гранични работи. Во рамки на преземените активности извршени се повеќе прегледи и претреси на лица, возила, домови и други простории, при што е запленета поголема количина наркотична дрога, а 20 лица се лишени од слобода, меѓу кои и двајца странски државјани – од Полска и Чешка. Во текот на викендот, на подрачјето на СВР Струмица во еден од случаите полициските службеници пронашле и одзеле 59 стебла марихуана со вкупна тежина од околу 680 килограми, додека во друг случај пронајден е и одземен голем патнички куфер полн со марихуана. На подрачјето на СВР Скопје, при претреси на три локации што ги користело едно лице, одземени се осум кеси со околу 800 грама марихуана, при што лицето е лишено од слобода, информираат оа МВР и додаваат:

-На подрачјето на СВР Велес, при претрес на дом и преглед на лице, одземени се 29 помали кеси со вкупно 15 грама кокаин, 14 грама кафеавкаста материја и околу 5.000 евра. Во рамки на активностите на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, извршени се претреси на четири локации, при што две лица се лишени од слобода, а пронајдени и одземени се околу 200 грама кокаин, 505 милилитри масло од хашиш и 4,58 грама марихуана. За преземените активности ќе следуваат соодветни кривични пријави. Ова се конкретни резултати од координираната работа на полициските службеници на терен и продолжение на засиленото постапување против лицата и криминалните структури инволвирани во производство и недозволена трговија со наркотична дрога. Министерството за внатрешни работи продолжува со засилени активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога и откривање на лицата инволвирани во овој вид криминал, се вели во информацијата..





