Во Скопје од 7 до 9 октомври се одржува 34. Меѓународна спортско-медиумска ревија „Турнир на медиуми”, која и годинава ги обединува новинарите, спортистите, тренерите, медиумските работници и јавните личности од Македонија и регионот.
На манифестацијата учествуваат гости од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, а централниот ден е 8 октомври, кога програмата ќе понуди три содржински целини – знаење, спорт и дружење.
Во 11:00 часот во Свечената сала на Ректоратот на УКИМ ќе се одржи панел-дискусијата „Спортот во ерата на вештачката интелигенција: етика, здравје и извонредност”, на која ќе се говори за примената на AI во спортската анализа, тренингот, здравјето и донесувањето одлуки, но и за улогата на човечката проценка, етиката и фер-плејот. Панелисти се проф. д-р Орце Симов, проф. д-р Влатко Неделковски, проф. д-р Маре Србиновска и тренерот Горазд Михајлов, со видеообраќање на академик проф. д-р Изет Раѓо од Сараево.
Од 13:30 часот на игралиштето на ФК Аеродром во Реонски центар Ново Лисиче следува ревијалниот спортски дел, со фудбал, пенали, гол-на-гол и други забавни натпреварувачки формати, во мешани екипи составени од новинари, спортисти, ветерани, жени и јавни личности.
Манифестацијата ќе заврши со заедничко дружење на сите учесници, со што повторно ќе се потврди нејзината основна идеја – поврзување на луѓето преку спортот, медиумите, науката, културата и јавниот живот.
По 34 години, „Турнирот на медиуми” продолжува да ја гради традицијата, но и да ја проширува својата мисија.
„Фудбалот беше причината да се сретнеме, но луѓето беа причината повторно да се видиме. 34 години нè поврзуваше фудбалот. Денес ги поврзуваме луѓето.”







