Американката Криста Пајк, која е осудена на смрт, е свесна и зборува откако минатата недела преживеа неуспешен обид за извршување на смртната казна во сојузната држава Тенеси, соопштија нејзините адвокати.
Пајк (50) и натаму добива интензивна медицинска нега во болница, каде што е со лисици на рацете и врзана за креветот. По овој случај без преседан, гувернерот на Тенеси, Бил Ли, ги суспендираше сите извршувања на смртните казни во државата до крајот на годината, а директорката на затворската служба поднесе оставка.
Нејзините адвокати денеска треба да се појават пред судот во Нешвил и повторно да побараат од гувернерот да ѝ ја преиначи смртната казна во доживотен затвор без можност за условен отпуст, јави Би-Би-Си.
Пајк, која беше осудена на смрт за убиството на Колин Слемер во 1995 година, на 30 септември преживеа две вбризгувања со смртоносна супстанција. Експертите и нејзиниот правен тим истакнуваат дека нејзиното преживување е без преседан во историјата, бидејќи таа е единствената личност кај која била вбризгана токсична супстанција, а сепак останала жива.
Анестезиологот Џоел Зивот, кој го советува нејзиниот правен тим, за Би-би-си изјави дека Пајк повеќе не е приклучена на апарат за механичка вентилација и може да комуницира на основно ниво, но се чини оти не се сеќава на самиот чин на погубување. Таа успеала да се сети на своето име, но погрешно го погодила датумот, верувајќи дека сè уште е септември.
– Има некои сеќавања дека била во болница, но верувам дека нема никакви сеќавања од обидот за извршување на смртната казна – рече д-р Зивот, додавајќи дека прогнозата за нејзиното здравје и натаму е нејасна и дека пред неа претстои долго закрепнување.
Според д-р Зивот, најверојатно пентобарбиталот што го користеле затворските власти се проширил низ ткивото под кожата наместо да навлезе директно во крвотокот во количина доволна за да предизвика смрт. Нејзините адвокати и претходно предупредувале дека нејзините мали вени и здравствената состојба тромбоцитоза (зголемен број тромбоцити и склоност кон згрутчување на крвта) може да го осуетат процесот.
Дебора Дено, криминолог и професорка на Правниот факултет „Фордхам“, изјави дека е апсолутно зачудена од нејзиното закрепнување, истакнувајќи дека во минатото имало седум случаи каде затвореници преживеале обид за погубување, но само затоа што извршителите воопшто не успеале да ги пронајдат вените.
– Пајк е единствената кај која е вбризгана токсична супстанција, а казната не беше извршена. Ова никогаш претходно се нема случено – изјави Дено.
Властите сè уште не соопштиле дали повторно ќе се обидат да ја погубат Пајк, ниту пак понудиле официјално објаснување за неуспехот.
Пајк имала 18 години во 1995 година кога заедно со тогашното момче Тадарил Шип ја претепале, мачеле и убиле 19-годишната Слемер во камп за проблематични тинејџери. Шип тогаш имал 17 години и поради малолетност бил поштеден од смртна казна, па и натаму отслужува затворска казна. МИА






