Мајката на судијата Ристов: Парите ги чувам од 1975 година зад плочките, таму си најдов згодно место

Ѓоко Ристов | Фото: Апелација
Ѓоко Ристов | Фото: Апелација

Мајката на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, Донка Ристов, денеска сведочеше во Основниот кривичен суд, во предметот против нејзиниот син, при што објасни како и каде ги чувала 350.000 евра пронајдени при претрес во семејната куќа во Неготино.

Таа рече дека во куќата биле извршени два претреса. При првиот, како што посочи, не било пронајдено ништо, додека вториот траел два дена.

Слушај радио Канал 77 онлајн

„Таму си најдов згодно место“

Ристова пред судот објасни дека парите ги чувала скриени зад работната маса и зад фрижидерот, во простор во ѕидот кој, според неа, го користела уште од 1975 година.

„Два дена се правеше претрес. Првиот ден, работеле, барале, немало ништо и закажале за утре дента. И тогаш пак барале и на крајот го нашле моето место каде што ги чував парите. Зад работната маса, зад фрижидер. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка, како прозорче… во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку“, сведочеше таа.

Донка Ристова тврди дека од 1975 година чува пари во ѕидот во кујната и дека пронајдените 350 илјади евра се од продажба на градинарски производи на пазар | Фото: Илустрација генерирана со AI

Според нејзиното сведочење, во скриениот простор имало 350.000 евра.

„Тие ми беа гаранција за стари години, за се, за тешки денови. Парите беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа по 500 и 100 евра“, рече Ристова.

Таа објасни дека парите биле заработувани во текот на целиот нејзин живот, најмногу од земјоделска дејност.

„Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, се имавме. Секаде по пазар одев“, рече таа.

„Никој не знаеше“

На прашањето дали некој друг знаел за парите, Ристова одговори дека тие биле нејзини и на нејзиниот сопруг.

„Никој не знаеше, тоа беше мое лично и на сопругот“, рече мајката на судијата Ристов.

Таа објасни дека кога продавала земјоделски производи, заработените средства ги претворала во странска валута.

„Не ги броев, но ќе ги пикнев во дупчето од циглите. Кога ќе се стеснеше, во друго“, рече Ристова.

Како што посочи, од своите деца никогаш не земала пари, бидејќи средствата ги чувала за својата старост.

Продажбата на фирмата и инвестицијата во недвижности

Ристова на прашање од обвинителката Искра Хаџи Василева одговорила и дека таа ја направила продажбата на фирма за фотоволтаици, но дека средствата од таа продажба не ги ставила во ѕидот каде што ги чувала останатите пари.

„Тоа ми беше клетва од татко ми, од недвижност пари да се вложат во недвижност“, рече мајката на обвинетиот судија.

Предметот против судијата Ристов

Предметот против Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, како дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија, со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.

Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.

Против судијата Ристов се води постапка во врска со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Од Обвинителството претходно беше соопштено дека средствата не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази.

Судењето продолжува. Предметот го води судијката Билјана Коцевска.

(Каровски М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ