Предлогот за укинување на ветото во процесот на пристапување во ЕУ, не е прифатен поеднакво од сите – вели Марта Кос

Пред денешната седница на Совет за општи работи што се одржува во Луксембург, еврокомесарката за проширување, Марта Кос претпладнето изјави дека предлогот за укинување на ветото од страна на земјите членки кон земјите кои пристапуваат кон ЕУ, е смело решение, кое наидува на различни реакции.
Фото: ДПА/МИА
  • Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, го оцени предлогот за укинување на ветото во процесот на проширување како смело решение, и покрај различните ставови на земјите членки на ЕУ
  • Европската комисија предлага пофлексибилно одлучување со поширока примена на квалификуваното мнозинство, почитување на принципот на заслуги и постепена интеграција на земјите кандидати уште пред полноправното членство.
  • Црна Гора затвори уште три поглавја и сега има вкупно 21 од 35 затворени поглавја. Денеска се одржуваат меѓувладини конференции со Албанија, Молдавија и Украина, додека Македонија не е поканета на овонеделните конференции.

Но, како што рече Кос, вакви предлози не смеат да се ставаат настрана само поради различните ставови.

-Да, свесни сме за тоа, но знаете, ако се повлекуваме секојпат кога мислиме дека нешто нема да помине во Советот, тогаш што би правеле? Навистина, некои од нашите предлози се смели, но живееме во време што бара смелост, така што мораме да одиме напред. Од една страна, ги имаме земјите-кандидати, кои сега гледаат дека не им го одземаме правото на вето. Единственото нешто што го предлагаме таму е тие доброволно да дадат некаква изјава дека нема да внесуваат билатерални прашања во процесот на проширување; ставовите на земјите-членки, пак, се многу различни. Некои од нив би сакале подетално да се разгледаат заштитните механизми. Други, пак, велат дека сакаат да се задржи принципот на едногласност, рече Кос.

Слушајте радио во живо

Неделава пред Европскиот совет ќе се најдат предлозите од пакет за политиките пред проширувањето, во кој се утврдени политичките ориентации и активности потребни за подготовка на Унијата за идните проширувања. Укинувањето на можноста да се стави вето, е еден од предлозите.

Уште на темата:

Македонија од ЕУ не може да го добие тоа што е предложено на Канада – придружното членство: одговор на Кос

-Следната точка е потребата од пофлексибилен процес на одлучување во овие геополитички, понекогаш и луди времиња. Треба да бидеме поагилни. Затоа предлагаме чекори за поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство. И третата точка е исто така многу важна, имено, се придржуваме до принципот на заслуги, што е неопходно. Од друга страна, тоа бара време. Затоа мораме да воведеме – и веќе воведуваме – она што го нарекуваме „засилена постепена интеграција“, односно можности за, како што јас го нарекувам, „повеќе Европа“ уште пред самото членство, изјави Кос.

Прочитајте и за ова:

Тимчо Муцунски од Софија: Добрососедските односи се основа за евроинтеграцијата

Инаку, оваа недела е и недела на Меѓувладини конференции на кои се отвараат поглавјата со земјите кандидати за членство. Македонија не е поканета. Како што соопшти еврокомесарката Кос, синоќа била одржана Меѓувладината конференција за Црна Гора, на која се затворени уште 3 поглавја. Со тоа, Црна Гора со сега затвори вкупно 21 од 35 поглавја, што за ЕУ е јасен знак дека процесот на проширување напредува.

Денеска ќе се одржат уште 3 меѓувладини конференции со Албанија, Молдавија и Украина.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ