Во Црна Гора денеска се одржува самит на лидерите на Берлинскиот процес, на кој ќе учествуваат претставници на Западен Балкан, на државите од Европската Унија и меѓународни организации.
Самитот, кој се одржува во Милочер кај Будва, ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, и Фридрих Мерц. Во фокусот ќе бидат посилното економско поврзување на регионот, конкурентноста, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија.
Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Германската влада соопшти дека главни теми ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора за време на своето претседавање како четврт клучен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.
Самитот е завршен настан од едногодишното претседавање на Црна Гора со Берлинскиот процес.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.
Иницијативата служи како мост меѓу регионот и Европската Унија, обединувајќи ги лидерите од Западен Балкан, клучните држави членки на ЕУ, претставниците на европските институции, меѓународните финансиски организации и цивилниот сектор.
Платформата функционира преку редовни годишни самити на премиерите и министрите, а нејзините главни цели опфаќаат економско поврзување, инфраструктура и транспорт, поврзување на младите, дигитална агенда и решавање на билатералните спорови од минатото и зајакнување на добрососедските односи.
Во рамките на Берлинскиот процес низ годините се потпишани неколку историски документи, меѓу кои најистакнати се Договорите за мобилност од 2022 година. Овие договори предвидуваат слободно движење во рамките на регионот само со лична карта, како и меѓусебно признавање на високообразовните дипломи и професионалните квалификации за лекарите, стоматолозите и архитектите. МИА





