Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера, спроведоа вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Општина Радовиш и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште, кое произведувало и преку социјалните мрежи продавало димени месни производи и чварки.
-При контролите во Радовиш одземени се околу 2 тони небезбедно свежо и замрзнато месо и подготовки од месо, кои денес ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“. Во Пепелиште, од физичко лице кое вршело неодобрена дејност од страна на Агенцијата – производство на димени месни производи и чварки, одземени се дополнителни 50 килограми подготовки од месо (печеница, кулен, димена сланина и сл). Одземените производи се без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите. Надлежните институции продолжуваат со спроведување на инспекциски контроли со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на нелегално производство и промет на небезбедна храна, информираат од АХВ.






