Заемот од Унгарија е добар договор, не за мене, не за вас, за граѓаните, рече Мицкоски

Фото: Принтскрин

​Половина милијарда евра од тие милијарди евра заврши за еврообврзницата што владата на СДСМ и ДУИ ја зеде во периодот на корона-кризата, се префрлала речиси 10 милиони долари за вакцини што никогаш не дојдоа

Повторно ќе има ботови, кои што ова ќе го вагаат, повторно ќе има ботови кои што ќе ми исмејуваат, но треба само да влезете во народните банки на двете земји ќе ви стане јасно

Половина милијарда евра од кредитот земен од Република Унгарија завршија да се врати еврообврзницата што е земена од претходната влада на СДСМ и ДУИ – посочи денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој одговараше на пратеничко прашање на што се потрошени парите од овој заем.

– ​Половина милијарда евра од тие милијарди евра заврши за еврообврзницата што владата на СДСМ и ДУИ ја зеде во периодот на корона-кризата, кога купуваа од „Стабри“ и се префрлала речиси 10 милиони долари за вакцини што никогаш не дојдоа. ​Патем речено, „Стабри“ не е веледрогерија од светски ков како „Фајзер“, туку станува збор за компанија која што е позната за трговија со јужноамериканско овошје, ете таа требаше да го имунизира нашето население. ​Од Хонгконг со седиште во Дубаи, не треба многу да зборувам за Дубаи и како Дубаи е поврзан со претходната Влада и таму отидоа многу пари. ​Тие пари ние ги враќаме денес. ​Бидејќи во тој период некаде околу 11% од Бруто домашниот производ (БДП) е зголемен и јавниот и државниот долг. ​Прво беше поткуп на изборите, брутален, да држат дома, додека тие шетаат и поткупуваат, тоа беше прво, и второ, нормално за лични потреби. ​Така што половина милијарда заврши таму- рече Мицкоски од говорницата на македонското Собрание.   

​Тој појасни дека од заемот од Унгарија на македонските компании се дадени 250 милиони евра и како што рече „тоа денеска го зборува Државен завод за ревизија, не ние, не ВМРО-ДПМНЕ, Државен завод за ревизија“.  

Прочитајте исто така: Кривична истрага за унгарскиот кредит за Македонија

​-Направена е ревизијата и во рамките на тој извештај е наведено каде завршиле тие пари.​ Значи, не завршиле во приватни џебови, туку завршиле онаму каде што е потребно, во македонските компании во циклус на инвестиции кои што потоа генерираат раст на македонската економија, нешто за кое што зборував претходно- рече Мицкоски.  

​Претседателот на Владата истакна дека ако се погледне кредитното портфолио, дали на домаќинства, дали на бизнисот, каматите се пониски во споредба со Германија.

​-​Повторно ќе има ботови, кои што ова ќе го вагаат, повторно ќе има ботови кои што ќе ми исмејуваат, но треба само да влезете во народните банки на двете земји ќе ви стане јасно, или пак влезете во Европската централна банка и споредете ги маргините во Македонија и таму, не треба повеќе.  ​Зборувам за кредитите кои што ги добиваат населението, домаќинствата и бизнисот. ​Резултатот од таа субвенционирана камана стапка од 1,95% тоа кредитно портфолио, измешано со капиталот од банките генерираше ваков раст и тој раст ќе трае уште одредено време, бидејќи инвестициите се голем дел, значаен дел во Бруто домашниот производ и ова ќе трае, ​барем уште два до три, можеби и четири квартали, ќе има сенка на тоа кое што го правевме пред година, година и пол, и тоа е успех. ​Тоа се вика успех- кажа Мицкоски.  

Тој потенцираше дека останатата половина милијарда евра завршила во изградба на капитални проекти за општините.    

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

​-Преку финансирање на проекти со кои што граѓаните ќе добијат улица, паркче, игралиште, реновирано училиште или ново училиште, еве сега да речеме во Гази Баба почнавме ново училиште, бидејќи старото беше уште од бараките после земјотресот во Скопје 1963 година. ​Едно чудо политичари поминале таму, инаку патем речено зборуваме за деветстотини ученици, не за мал, мал број. ​Едно чудо политичари поминале, ветувале, ветувале, ветували, ништо не направиле. ​Еве дојде некој да направи модерно, одлично, супер училиште, градинки, градинки, за да можат децата да нема листа на чекање, нели целта на оваа влада беше до крајот на мандат да нема листа на чекање-в посочи Мицкоски.  

​Како Влада, како што истакна, не правеле поделба на општините, односно не бирале каде повеќе средства ќе издвојат за проекти. Средствата се доделени подеднакво за сите општини и како што рече само требало да имаат проекти.

​-​Имаше само една општина тогаш од опозицијата која што сакаше со трик да подметне проект, кој што веќе го дале на познат изведувач, па после тој сакаше во фаза на градба да го подметне тој проект, тоа не бива така. ​Со трикови оваа Влада не работи. ​Освен тој сè друго беше на најтранспарентен, најјасен начин дадено, не водевме сметка кому и како, важно ни беше бидејќи ние сме влада која што пледира да биде влада на целата територија, да сработиме проекти на целата територија на државата и тоа го работиме. Тоа учествува во Бруто домашниот производ и она мене што ме радува е што компании од кај нас од дома од Македонија, македонски компании ги работат проектите и ако ги отворите огласите денеска ќе видите колку компании од градежниот сектор бараат инженери, градежни, машински, електро, работници, багеристи, кранисти и така натаму, тесари, арамирачи, ѕидари и слично- нагласи Мицкоски.   

​Премиерот Мицкоски вели дека со реализацијата на капиталните проекти се зголемуваат и платите во градежниот сектор. 

​-​Тоа е резултатот од овој Унгарски кредит и од сè тоа кое што ние го сработивме во тој Унгарски кредит- акцентираше Мицкоски. 

Посочи дека ​пред шест месеци  опозицијата имала прес-конференција, иста таква како пред некој ден, каде што имало напади за некакви слуги на Орбан, а сега и за Вучиќ.

 -Па го напаѓаат Иван го гледам еве овдека, а го бара и поддржува и под камен го молел, му коленичел да заокружи за името, каде не сè не го најдоа човек, го молеа, аман за аман Иване и сега тие бесрамно наоѓаат да го напаѓаат човекот, бесрамно.  ​Така и тогаш како и сега ми велат сега криминалите на Мицко ќе излезат, еве шест месеци нема, нема што да излезе. ​Ама излезе една работа за која што ние зборувавме за која што јас не сакам многу да зборувам, не сакав да зборувам поради тоа што имам почит кон мојот пријател Виктор Орбан, а тоа е дека направивме добар договор, не за мене, не за вас, за граѓаните. ​Тоа беше целта, затоа што оваа Влада работи за граѓаните, не за мене- рече Мицкоски.

Прочитајте исто така: Орбан – Вучиќ – Мицкоски се како руските бабушки, секоја следна е помала, првиот падна, сега се на ред овие двајца- Филипче во српско интервју

Посочи и дека од страна на опозицијата во изминатите 20 месеци за трошењето на парите од заемот од Република Унгарија слушал невистини, лаги, навреди. 

​- Кога се случија изборите пред шест месеци во Унгарија, исто како и денес, не знам зошто и како, сите оние кои што коленичеа посебно кај нашиот северен сосед, денеска сè тоа го поврзуваат со мене. ​Но во ред, и тоа го поврзуваат на тој начин што ме навредуваат, нарекуваат арамија, дека јас предводам организираната криминална група, сега ме направија и наркотрафикант, што сè не се изнаслушав покрај тоа што ми дадоа епитет дека сум идиот. ​Ама замислете идиот да ве победи седум-осум пати на избори, тогаш треба да си го поставите прашањето – кој е вистинскиот идиот.​ Но, тоа ќе го оставиме за нив, не за нас- кажа Мицкоски.МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ