„Се плашам дека срцето ќе ми застане, а дома сум сам“ – Познатиот штипски тапанар Васко Попадинов има потреба од помош

„Најмногу се плашам дека срцето ќе ми застане ненадејно, а дома сум сам“. Ова е исповедта на штипјанецот Васко Попадинов, музичар и тапанар кој поради сериозни здравствени проблеми веќе седум години не може да свири, а денес има тешкотии и со наједноставните секојдневни активности. За да ги направи неопходните дополнителни испитувања на срцето и да добие соодветен третман, потребна му е финансиска помош. Во негова поддршка, на 10 ноември во Штип ќе се одржи хуманитарен концерт.
Васко Попадинов
Васко Попадинов

Васко веќе седум години се бори со компликации на црниот дроб, поради која не може да работи. Во мај минатата година, при коронарографија, лекарите утврдиле дека главната лева коронарна артерија, која го снабдува со крв најголемиот дел од срцевиот мускул, е речиси целосно запушена.

Му бил вграден стент на особено чувствително место, во пределот на левата главна коронарна артерија. Интервенцијата била ризична и поради други здравствени проблеми, но благодарение на ангажманот на интервентниот кардиолог, зафатот бил успешно изведен.

Слушај радио Канал 77 онлајн!

Сепак, повеќе од една година подоцна, Васко вели дека неговата состојба не се подобрува, туку тегобите стануваат сè потешки.

„По помалку од 100 метри пешачење морам да застанам и да седнам. Денес секоја домашна работа ми е потешкотија. Миењето садови, чистењето и грижата за себе ми одземаат сила за цел ден. Сам не можам да си зготвам јадење, не можам да се качам ни да се симнам по скали. Денес не можам сам ни да се избањам“, раскажува Васко.

Васко со своите колеги музичари – Тони Лазаров и Горан Ангелов – Гајдата

Неговата најголема грижа е што живее сам и нема кој да му помогне доколку здравствената состојба дополнително му се влоши.

„Покрај стравот од ненадејна смрт, се плашам и дека, не дај Боже, ќе останам неподвижен во кревет, сам, без никој до мене“, вели тој.

Дополнителните медицински испитувања се неопходни за лекарите да утврдат зошто тегобите продолжуваат и дали терапијата што ја прима има ефект.

„Во приватна болница во Скопје лекарот ми препорача повторна коронарографија, магнетна резонанца на срцето и тестови што ќе покажат дали лековите што ги пијам воопшто делуваат кај мене. Јас сум ризичен пациент, со компликации и алергија на контраст, па коронарографијата мора да се прави со посебна подготовка. Во државните клиники ова го нема. Испитувањата ќе им покажат на лекарите зошто тегобите не поминуваат и што треба да се направи понатаму. Без нив не можат да знаат дали стентот работи и дали лековите ми помагаат, а јас секој ден живеам со истиот страв.“ – раскажува Васко.

Васко живее од социјална помош, која, како што вели, не му стигнува ниту за лековите, а трошоците за дополнителните испитувања се уште еден товар што сам не може да го поднесе.

Музичарите организираат хуманитарен концерт за Васко

Неговите колеги музичари и пријатели одлучија да се обединат и да му помогнат преку музиката, организирајќи хуманитарен концерт на 10 ноември, со почеток во 20 часот, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

На концертот ќе настапат Влатко Миладиноски со Големиот оркестар на Златко Миладиноски, Сузана Гавазова, Стојне Николова, Дарко Стојаноски, Дамјан Стојаноски, Василија Петрова, групата „Алегро“, Тања Јованоска, Горан Тодороски и Горан Ангелов – Гајда.

Плакат на хуманитарниот концерт „Да затропа срцето за Васко“

Влезот е со донација, а сите собрани средства ќе бидат наменети за помош на Васко. За оние кои нема да можат да присуствуваат, овозможена е и уплата на донации преку објавените банкарски сметки.

Васко е дел од штипската музичка сцена и во текот на кариерата настапувал со повеќе музички состави, меѓу кои „Бекрии“, „Гајда бенд“ и оркестарот „Корона“. Тапаните биле дел од неговиот живот, но последните седум години здравјето не му дозволува да ја работи работата што ја сака.

Сега неговите колеги, пријатели и сограѓани имаат можност да му покажат дека не е сам во борбата со болеста и дека хуманоста може да му помогне да ги направи следните чекори кон подобра здравствена состојба.

Канал 77 – слушајте нè во живо

(Каровски Мартин)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ