Исплата на средства за граѓаните без платежни картички во главната филијала во Битола на АЛТА банка АД Битола

Алта банка има 19 експозитури и мрежа од 187 вработени – годинава работела со загуби, но се купувале акции
Фото: МИА

Од утре, 5 ноември, граѓаните кои имаат платежни сметки во АЛТА банка АД Битола, а немаат платежни картички, ќе можат да ги подигнуваат своите средства на шалтерите во главната филијала на банката во Битола, информира Народната банка.

За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21, наменети за исплата на готовина, особено за пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во банката.

Граѓаните ќе можат да подигнат најмногу 20.000 денари, колку што изнесува максималниот дозволен износ за повлекување во период од две недели.

Од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.

Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови, според однапред утврден распоред. Граѓаните ќе добијат СМС-порака со информација за денот и часот кога треба да дојдат во филијалата.

Народната банка апелира граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата пред определеното време или во денови кога не се повикани, за да се избегнат гужви и подолго чекање. За оние кои нема да можат да дојдат во закажаниот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и нема да се вршат други видови трансакции.

Во тек се и подготовките за отворање шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош во други градови во земјата, за што Народната банка дополнително ќе информира.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ