Скопје во знак на танцот: Осмо издание на STAGE со учество на 14 земји, 1200 учесници и 37 танцови клубови

Оваа сабота, 7 ноември 2026 година, Националната опера и балет во Скопје повторно ќе биде домаќин на еден од најзначајните меѓународни танцови настани во регионот – осмото издание на Интернационалниот танцов натпревар СТЕЈЏ 2026- STAGE 2026.

Годинава “Стејџ” обединува над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа, кои ќе се претстават со повеќе од 320 танцови настапи на двете сцени во Националната опера и балет.

Две сцени, еден престижен театар и илјадници моменти исполнети со уметност, емоции, талент и танц. Скопје повторно ќе стане место на средба на млади танчери, танцови студија, кореографи и професионалци од меѓународната танцова сцена.

STAGE и годинава ќе понуди богата танцова програма, обединувајќи различни танцови дисциплини, стилови и генерации: класичен и современ балет, џез, модерн и шоу танц, урбани и други танци.. Посебен акцент е ставен на групните кореографии, формациите и продукциите, со цел да се даде поголем простор на сценското творештво, тимската работа и уметничкиот израз.

Натпреварувачкиот дел на STAGE 2026 ќе се одвива во текот на целиот ден, од 09:00 до 19:30 часот, истовремено на двете сцени во Националната опера и балет. Кулминацијата на настанот ќе биде свечената STAGE Gala, која ќе започне во 20:00 часот.

Влезот за публиката на Галата е бесплатен, а присутните ќе имаат можност да ги проследат најдобрите настапи и доделувањето на престижните признанија и специјални награди, избрани од меѓународното стручно жири.

-Со секое ново издание, STAGE ја потврдува својата мисија да ги обединува младите генерации преку уметноста, да ги поврзува различните култури и да ја промовира Македонија како земја на култура, талент и инспирација. Особено сме горди што годинава во Скопје ќе донесеме над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа, вели Тамара Ѓурчиновска, основач и директор на STAGE International Dance Competition.

Настанот е во организација на „Арт Балет“, а е поддржан од Министерството за култура и туризам.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ