Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ и на Еуростандард банка од времето на СДСМ
Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен
Народната банка и Владата имаат свои инструменти и со нивна помош целосно ја контролираме состојбата со Алта банка. Апсолутно нема простор за загриженост. Целта е да се спаси банката, бидејќи станува збор за здрава финансиска институција, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
По пуштање во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово, прашан за коментар околу обвинувањето на СДСМ дека ниту еден од понудените два модела за Алта банка нема да вродат со плод, тој повтори дека Владата и СДСМ имаат различна амбиција. Според него, опозициската партија се радува на црните сценарија, додека власта се обидува да најде решение, односно купувач на банката, бидејќи смета дека навистина е во одлична состојба.
Прочитајте исто така: Исплата на средства за граѓаните без платежни картички во главната филијала во Битола на АЛТА банка АД Битола
– Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ, по принципот на Еуростандард банка од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен, бидејќи најголемиот дел од штедните влогови се осигурани во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио за коешто СДСМ се моли секој ден, односно да најдеме купувач. Следните неколку денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката, подвлече Мицкоски.
Премиерот посочи дека „опозицијата преку увезената криза од Србија смета оти ќе се факторизира и од политички целосно небитна структура на тој начин ќе привлече политичко внимание“.
– И затоа тие се обидуваат преку невистина, преку конструкција, преку црни сценарија да ги наведат граѓаните, но тоа е сосема спротивно од она што е вистината. И затоа ги замолувам граѓаните да не веруваат на овие невистини, како што многу пати се случувало во минатото – од тоа дека ќе носиме мигранти, дека веќе сме банкротирани како држава, дека не знам што ли уште не се случувало… Ништо од тоа не се случи, така и овој пат да бидат спокојни, додаде Мицкоски.
Претседателот на Владата уште еднаш повтори дека станува збор за увезен проблем од кај нашиот северен сосед, од каде последната информација е дека менувачниците ограничиле менување евра до 300-400.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
– Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија. Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму, бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Дел од нив дури и го затвориле својот бизнис односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем, рече Мицкоски.
Тој изрази надеж дека многу брзо ќе биде формирана владата во Србија и оти таа влада ќе води проевропска реформска политика, „нешто што на нас ни е важно“.








