Кочанскиот обвинител Игорчо Крстов бара јавно извинување од Ива Михаилова за изнесеното во интервју

Адвокатот Аљоша Кацаров, кој го застапува обвинителот Игорчо Крстов, бара Ива Михаилова јавно да се извини и да ги повлече изјавите што ги дала во подкастот на Мартин Карбовски, емитуван на 7 ноември на YouTube. Според него, станува збор за клевети со кои биле повредени честа и угледот на обвинителот.
Ива Михајлова | Фото: Социјални мрежи на Ива Михајлова
Ива Михајлова | Фото: Социјални мрежи на Ива Михајлова
  • Михаилова тврди дека обвинителот ѝ рекол оти случајот би се одвивал поинаку доколку била Србинка.
  • Во емисијата изнела и тврдење дека обвинителот наводно ѝ понудил за пари да добие условна казна.
  • Кацаров бара јавно извинување и повлекување на спорните изјави.

Во реакцијата, адвокатот наведува дека изјавите на Михаилова содржат невистинити тврдења и инсинуации за наводно дискриминаторско постапување и обид за незаконско влијание врз исходот на постапката. Тој смета дека со нив е нанесена штета врз личните права и професионалната репутација на обвинителот Крстов.

„Обвинителот лично ми кажа, ако беше Србинка на различен начин ќе се одвиваа работите“, е една од изјавите на Михаилова што ги посочува Кацаров во реакцијата.

Кацаров ги оспорува тврдењата за наводна понуда на пари

Адвокатот се осврнува и на делот од гостувањето во кој Михаилова тврди дека обвинителот лично стапил во контакт со неа и ѝ понудил за одредена сума пари да не дојде до затворска казна, туку да добие условна осуда.

„На почетокот, вториот месец, ноември или декември беше, обвинителот лично се поврза со нас, и ни предложи за сума на пари, да не се стига до тука, каде што сме сега во моментот, не да ме нарави невина, да ме направи виновна, и да ми даде условна, т.с. да не ме стави во затвор.”

Кацаров оценува дека ваквото тврдење претставува инсинуација за сторено кривично дело и дополнително го нарушува угледот на неговиот клиент. Во реакцијата наведува дека изјавите биле пренесени и од повеќе медиуми во Македонија, со што, според него, последиците врз честа и репутацијата на обвинителот биле дополнително зголемени.

Се повикува на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета

Поради тоа, повикувајќи се на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Кацаров ѝ упатува барање на Ива Михаилова јавно да му се извини на Игорчо Крстов.

„Согласно член 12 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета (Сл. весник на РС Македонија бр.251/22), се обраќаме до лицето Ива Михаилова со барање јавно да се извини на Игорчо Крстов, како и да ги повлече невистиностите и клеветничките изјави што ги изнесе против него, преку платформата „YouTube” од 07.11.2026 год., јавно на ист или соодветен начин.“ – стои во соопштението.

Против Ива Михаилова од Кочани се води кривична постапка за тешка сообраќајна несреќа со смртни последици, што се случила на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани–Штип.

Во несреќата животот го загубил 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, а имало и повредени лица. Според обвинението, Михаилова управувала со возило со недозволена брзина и преминала во спротивната сообраќајна лента. Таа и нејзиниот правен тим ја оспоруваат верзијата на обвинителството. По нејзиното заминување во Бугарија, македонските органи распишаа потерница, а судењето во Основниот суд во Кочани продолжи во нејзино отсуство.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

(Каровски М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ