Русија почна со клиничка употреба на вакцината „Онкопепт“ за лекување рак на дебелото црево, изјави денеска заменик-директорот на Федералната медицинско-биолошка агенција Игор Борисевич.
– Вакцината базирана на неоантигени на клетките на ракот од одреден пациент е развиена, регистрирана и влезе во клиничка употреба – рече Борисевич на конгресната седница „Иновативна практика: Наука плус бизнис“, пренесува РИА Новости.
Борисевич додаде дека во моментов е во тек регрутирање пациенти за таа цел.
Пептидната вакцина „Онкопепт“ беше применета кај првите пациенти во март. Индицирана е за возрасни лица кои се оперирани и примиле најмалку две линии системска хемотерапија.
По неколкумесечно набљудување на вакцинираните лица, директорката на Федералната медицинско-биолошка агенција Вероника Скворцова забележа дека тие немале никакви сериозни несакани ефекти и оти самиот лек создава неопходен имунолошки одговор.







