Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг ја завршија билатералната средба во Кина по само 13 минути, објавија американските медиуми. На разговорите биле отворени економски и безбедносни прашања, а меѓу главните теми на кои постојат разлики меѓу двете земји е и прашањето за Тајван.
Трамп пред средбата изјави дека очекува разговорите да бидат продуктивни, посочувајќи дека претходната вечер, за време на свечената вечера, седел покрај кинескиот претседател и разговарале два часа.
– Синоќешниот настан беше неверојатен, навистина посебен. Разговаравме за многу теми што планиравме да ги отвориме и на билатералната средба, рече Трамп.
Американскиот претседател го пофали и личниот однос со Шји, нагласувајќи дека двете страни досега успевале брзо да ги решаваат несогласувањата.
– Претседателот Шји и јас изградивме извонреден личен однос. Навистина е така. Некои луѓе не се среќни кога го слушаат тоа, но јас сум многу задоволен. Тој однос им служеше многу добро на граѓаните на двете наши земји. Продолжуваме да го градиме тоа пријателство, стануваме сè поблиски и тоа е навистина неверојатно, изјави Трамп.
Тој му порача на Шји дека нивниот однос е најдолгиот што го имале двајца претседатели на САД и Кина и оти очекува фантастична заедничка иднина.
– Кога имаше тешкотии, ги решававме. Јас ви се јавував вам, вие ми се јавувавте мене и секогаш кога имавме проблем, го решававме многу брзо. Ќе имаме фантастична заедничка иднина. Вие сте голем лидер, на сите им го велам тоа, рече американскиот претседател.
Кинескиот претседател, од своја страна, истакна дека односите меѓу двете земји се меѓу најважните билатерални односи во светот и дека треба да се развиваат во насока на соработка, а не конфронтација.
– Двете земји имаат корист од соработката, а губат од конфронтацијата; треба да бидеме партнери, а не ривали. Се согласуваме да градиме конструктивни, стратешки и стабилни кинеско-американски односи, да го поттикнеме нивниот стабилен, здрав и одржлив развој и да донесеме повеќе мир, просперитет и напредок за светот, порача Шји.
Трамп изјави и дека САД и Кина имаат заеднички интерес да обезбедат непречен проток на енергенси низ Ормуската Теснина и да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје.
– И двајцата силно се залагаме за тоа, рече Трамп.
Во пресрет на најавената трилатерална средба со Шји и рускиот претседател Владимир Путин, Трамп изрази уверување дека таа ќе донесе конкретни резултати.
– Многумина не беа сигурни дали нешто ќе произлезе од тоа. Мислам дека ќе има резултати. Во тоа сум многу, многу уверен, изјави американскиот претседател.
Сепак, зад позитивните пораки за личните односи и соработката, остануваат разликите околу Тајван. Според анализата на американските медиуми, Трамп сакал фокусот на разговорите да биде ставен на трговијата и технологијата, додека Пекинг јасно ставил до знаење дека Тајван е негов приоритет.
Кинеските државни медиуми по средбата објавиле дека Шји му порачал на Трамп оти добрите односи меѓу двете земји зависат од правилното управување со прашањето за Тајван, предупредувајќи дека во спротивно може да дојде до судир, па дури и конфликт.
САД се најголемиот поединечен снабдувач со оружје на Тајван, поради што се очекувало кинескиот претседател да побара од Трамп да ја одложи или намали идната продажба на американско оружје на островот.
Во Тајпеј внимателно ја следеле средбата. Тамошни официјални претставници соопштиле дека биле во комуникација со Вашингтон пред разговорите и дека добиле уверувања оти Тајван и натаму ќе ја има целосната поддршка на САД.
Засега, освен најавата од Пекинг во врска со купувањето американско говедско месо, нема конкретни најави за другите економски прашања што Трамп сакал да ги отвори, меѓу кои и купувањето авиони „Боинг“ и американска







