Ново Село станува музеј на отворено: Почна обновата на Л’џи, следуваат и десетина куќи

Историскиот извор на геотермална вода во штипско Ново Село - Лџи
Историскиот извор на геотермална вода во штипско Ново Село - Лџи
  • Над три милиони денари се планирани за уредување на локалитетот Л’џи.
  • Во 2027 година се предвидува реставрација на десетина куќи, фасадно уредување, како и обнова на мостот и речното корито.
  • Проектот е финансиран преку прекугранична соработка со Бугарија, со учество на Центарот за развој на Источниот плански регион и Општина Штип.

Обновата на Ново Село треба да го врати автентичниот изглед на ова историско штипско маало и да создаде услови за негов развој како туристичка дестинација. Првите активности веќе се започнати на локалитетот Л’џи, а проектот опфаќа неколку поврзани интервенции, најави градоначалникот Иван Јорданов.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Л’џи е првата локација опфатена со проектот

За уредување на локалитетот се предвидени повеќе од три милиони денари. Финансиската конструкција е обезбедена преку програмата за прекугранична соработка со Бугарија, преку Центарот за развој на Источниот плански регион, а дел од средствата ги издвојува и Општина Штип.

Јорданов објасни дека започнатите активности се дел од поширок проект во кој се вклучени уште една куќа во Ново Село и сместувачките капацитети на Бања Кежовица.

Иван Јорданов, градоначалник на Штип

„Во минатото најавуваме дека работиме на проект за финансирање за реставрација на Ново Село, на куќите во Ново Село на локалитетот Л’џи, на дел од сместувачкиот капацитет на бањата Кежовица. Тоа кое што во моментот се случува е почеток на овој проект. Се започнува со уредување на локалитетот Лџи. Согласно проектот овде се планриани нешто повеќе од три милиони денари средства да бидат инвестирани во ново уредување на локалитетот Лџи, симбол на Ново Село и Штип. Финансиските средства се обезбедни преку пограничната соработка со Бугарија преку Ценатрот за развој на ИПР и Општина Штип. Дополнителен буџет одвоивме ов буџетот на Општина Штип за да можеме да го реализираме и заокружиме овој проект, кој предвбидува реставрација на една куќа во Ново Село, реставрација и уредување на локалитетот Лџи и реконструкција на сместувачкиот капацитет во бањата Кежовица.“, вели Јорданов.

Во план е реставрација на уште десетина куќи

Покрај проектот што веќе започна, локалната самоуправа предвидува дополнителни инвестиции во Ново Село преку буџетот за 2027 година. Планирано е обновување на фасадите на десетина куќи, расчистување на речното корито и реставрација на мостот во близина на локалитетот Л’џи.

Целта, според Јорданов, е населбата да го зачува својот препознатлив изглед и да стане простор кој ќе го привлекува вниманието на посетителите.

„Паралелно на овие средства кои што се обзебедени преку пограничната соработка, општината издвои дополнителен буџет за 2027 година. Паралелно се предвидени реставрација и фасадно уредување на десетина куќи во Ново Село, со што тоа кое што го имаме како цел е да Ново Село буквално биде музеј на отворено и секој посетител и секој кој ќе дојде во оваа населба да го добие тој автентичен изглед и претстава за некогашниот изглед на Ново Село. Она кое што како локална самоуправа го планирам е расчитување на речното корито, реставрација на мостот кај лоаклитетот Л’џи, нешто кое што со години наназад имало потреба да се случи. Да се уреди, да се осфетли, да биде соодветно место, не само за ново селци, туку и за сите оние кои што ќе доагаат.“, додава Јорданов.

Центарот за развој на Источниот плански регион со поддршка на проектот

Во реализацијата е вклучен и Центарот за развој на Источниот плански регион. Неговиот директор Трајче Здравков посочи дека активностите се насочени кон подобрување на изгледот на населбата и нејзино позиционирање како туристичка дестинација.

„Со овој проект сакаме да придонесеме Ново Село да го добие својот посакуван лик и да биде една туристичка дестинацвија на луѓето од Македонија и регионот. Поради тоа ги ставивме овие три активности во овој проект.“, вели Здравков.

Трајче Здравков, директор на Центарот за развој на Источниот плански регион

Покрај обновата на локалитетот Л’џи и куќата опфатена со проектот, планирана е и реконструкција на сместувачките капацитети во Бања Кежовица. Според најавата, нивниот капацитет би останал приближно ист, но условите за престој треба да бидат подобрени.

Куќата што ќе биде реставрирана, пак, треба да добие содржини поврзани со историјата на Ново Село, преку изложување историски предмети и други елементи што ќе ја раскажуваат приказната за населбата.

Со планираните интервенции, Општина Штип најавува поширока обнова на ова историско јадро, со амбиција Ново Село да стане препознатливо место за жителите, но и за туристите од земјата и странство.

Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ