Дури утрово гледам каква вирална “галама” се кренала синоќа за една најбанална работа, вели во пост на својот профил на Фејсбук поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во кој демантира дека се случила сообраќајна незгода во која учествувал тој.
-Немаше никаква сообраќајна незгода. Возилото заглави во калта на раскопаните тротоари и мораше да биде извлечено бидејќи шлајфуваше (воверојатно и тогаш е направена снимката). Благодарение на пријатели и случајни минувачи за помалку од 10 минути го извадивме возилото и си појдовме на кафе. Убавиот дел од оваа приказна е дека повторно се убедив дека без оглед кои сме и што сме, солидарноста и човечноста се сила која што помага и победува, напиша Шилегов.
Во постот тој им се заблагодарува на луѓето кои помогнале во извлекување на возилото.
-Бидејќи немаше никаква сообраќајна незгода, апсолутно нема потреба од било чија загриженост. Добар сум, ништо не ми е, а нормално ни возилото не е оштетено (ќе треба да се измие од калта), вели тој и додава:
-За злобните и тенденциозни коментатори: вашата злоба и вашата љубомора, како и секогаш до сега, мене ќе ме направат посилен, а вас уште понесреќни. Ќе ве изеде љубомората. Тоа што ќе опцуете, ќе се ситите, ќе пишувате “мртов пијан бил”, нема да ја смени вашата реалност, ниту пак сликата што утрово ќе си ја видиете во вашите огледала: несреќни, злобни, љубоморни на другите поуспешни од вас, исфурстрирани. Помогете си себе си на начин што ќе почнете нешто и да работите во животот, освен да “мудрувате” на ФБ, и да, пробајте ментално да се надминете и да почнете да сакате, не да мразите. Туѓата среќа или несреќа, вас не ве прави ниту попаметни, ниту побогати, ниту пак посреќни. Прстот на чело драги злобници, почнете да работите на себе, само така ќе станете и подобри и посреќни луѓе, напиша Шилегов.





