- Становите ќе се продаваат по најмалку 20 проценти пониска цена од утврдената просечна пазарна вредност во катастарската општина.
- Најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти ќе треба да биде наменета за оваа категорија купувачи.
- За брачните двојки кои ќе градат куќа се предвидува ослободување од комуналии, преку посебно законско решение.
Владините мерки за полесно решавање на станбеното прашање ќе бидат ограничени на брачни двојки до 35 години, според најавеното законско решение. За неженетите и немажените лица нема да важат повластиците што се планираат за купување нов стан, а истата возрасна и брачна категорија е предвидена и во мерката за изградба на куќа.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Попуст од 20 проценти и резервирана површина во новоградбите
Според планот што го најави премиерот Христијан Мицкоски, младите брачни двојки ќе можат да купуваат станови во новоградби по цена која ќе биде најмалку една петтина пониска од просечната пазарна вредност утврдена за конкретната катастарска општина.
„За првиот закон во кој брачните парови до 35 години ќе стекнат право да добијат станбен простор што ќе биде со 20 проценти пониска цена од просечната пазарна во таа катастарска општина во претходната година“, изјави Мицкоски.
Предвидено е градежните компании да издвојуваат најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти за купувачите кои ќе ги исполнуваат условите. За овие станови ќе има утврден ценовен праг, додека останатите единици ќе се продаваат по пазарни услови.
Цените ќе се пресметуваат според реализираните продажби
Основата за утврдување на повластената цена ќе бидат податоците за просечната вредност на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година. При пресметката ќе се земаат предвид реално склучените купопродажни договори.
Мицкоски најавил дека разговарал со директорот на Катастарот, кој треба да подготви анализа за просечните цени во првите три квартали од годината. Анализата ќе ги опфати катастарските општини во кои има продажба на нови станбени единици, со цел заинтересираните купувачи да имаат основа за планирање на инвестицијата.
Премиерот очекува законските измени да добијат поддршка од пратениците, а најавени се и механизми кои треба да спречат евентуални злоупотреби при формирањето на цените.
Ослободување од комуналии за изградба на куќа
Втората најавена мерка е насочена кон младите брачни двојки до 35 години кои ќе се одлучат да градат сопствен дом. За нив е предвидено општините да не наплатуваат комуналии, а и за оваа поволност треба да биде подготвено законско решение.
Со двете мерки Владата најавува финансиска поддршка при решавањето на станбеното прашање, но критериумите засега ја ограничуваат можноста за користење на бенефициите на брачните двојки во предвидената возрасна граница.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(К.М.)



