ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Билет во два правци

Податоците низ историјата велат повеќе Македонци живеат низ светот, отколку во Македонија

today26/12/2018 79

Background

„Татковино те љубам како стари чевли“ – вели една мисла на Сервантес. Младите од Македонија ја љубат својата земја, но илјадници од нив старите чевли ги оставија во татковината. Што прават граѓанските активисти, што прави државата да ги задржи сопствените граѓани но и да се одржи врската со дијаспората, истражуваше Весна Крстева.

Пред повеќе од една година илјадници пара обувки во знак на сеќавање на сите блиски кои решиле да заминат во странство, беа поставени пред Владата на Република Македонија. Целта на организаторот,  граѓанската акција ,,Заслужуваме подобро“, беше да се укаже гласно и симболично на фактот дека веќе со години сме сведоци и жртви на најголемиот современ егзодус во Македонија.

Една година подоцна состојбата не е променета, барем што се однесува до иселувањето, зголемени се само бројките додадени на оние кои одамна ја напуштија дравата.

„Акцијата се одржа пред Владата на Република Македонија и беше повик оние што работат таму да прекинат да го игнорираат овој совреме македонски егзодус“, потсетува Инес Ефремова од „Заслужуваме подобрo“.

Што се однесува до одзивот, акцијата беше одлично прифатена од граѓаните. И покрај лошото време и големиот дожд, пред Влада дојдоа навистина голем број на граѓани. Оставија илјадници обувки кои се симбол на сите блиски луѓе кои што заминале од татковината во потрага по нормална живеачка. Беше и трогателно уште еднаш да се слушнат сите лични приказни, на родители, деца, блиски роднини, кои морале да се одвојат од своите сакани, а големиот одзив беше уште еден доказ дека иселувањето е голем проблем за голем број македонски граѓани – додава Ефремова.

Светот прво го запознаваме од дома

Корените на миграцијата не се од вчера, но од аспект на денешно време во интензитет добива во текот на изминатите десет години, со добивањето на визната либерализација.

„Благодарение на новата технологија, граѓаните прво го запознаваат светот од своите домови, од своите соби, подоцна вооружени со потребните информации заминуваат низ светот секој со  визија за реализирање на сопствениот сон“, вели професорот Златко Николоски, кој има докторирано на тема миграции.

-Основната причина, нормално е економската, вработувањето всушност. Како логистика на таа причина се јавува и добро изградената мрежа на мигранти затоа што веќе имаме многу млади надвор, тие комуницираат лесно со нашите граѓани тука во Македонија и едноставно многу лесно едни на други си даваат логистика за да заминат во државите каде што сакаат да отпатуваат. Генерално во моментов, покрај економската и политичката криза  последниве години можеби е и главната причина за заминување, затоа што во една таква состојба, кога имате нестабилна политичка состојба доаѓа и до нестабилна економската состојба. Дефинитивно вработувањето на младите, можноста да се остварат, да градат кариера е најголемиот проблем-смета Николоски.

Од 2002 година кога е направен последниот попис во државата нема официјален податок, колку граѓани  од Македонија се иселени во странство.

Николоски вели дека според негова лична проценка, во овој момент имаме повеќе македонски граѓани низ светот, отколку во Република Македонија, земајќи ги предвид и оние што порано се иселиле:

„Ние се’ уште, а понекогаш и институциите во државата се потпираат  на меѓународните институции како Светска Банка. Во отсуство на релевантни податоци на државата, ние  не треба овие податоци слепо да ги занемариме. Очигледно  е дека тие бројќи, можеби не толку точни но приближно  99% ја потенцираат   алармантна бројка на иселување. Ако Светска Банка кажува бројка дека  само за последните 10 години  се иселиле 320.000 граѓани, а заедно со претходните  вкупно  од 620.000-700.000,црвеното светло дефинитивно треба да се запали. Она што мене ме загрижувае што лично мислам дека ова нема да застане, особено што за нашата политичка криза не гледам некое брзо решение“.

„Татковино те љубам како стари чевли“

Активистите, коишто со разни активности и перформанси се се’ погласни, порачуваат дека својата иднина сакаат заедно да ја градат во сопствената татковина, а не во туѓина. Потсетуваат и на мисла на Сервантес  – „Татковино те љубам како стари чевли“.

-Тоа дали ја постигнавме целта со акцијата-да, ја постигнавме. Покрај одличниот одзив, акцијата беше споделена и од многу светски медиуми а добивме поддршка и од повеќе странски дипломати во земјава. Што се однесува до подигнувањето на свеста во јавноста за овој проблем, целта беше дефинитивно постигната дури и повеќе од што се надевавме и очекувавме.

Мора да се зајакне врската со дијаспората

Каде е решението за оваа состојба. Засега не помагаат ниту стратегиите ниту бројните проекти што ги спроведува државата.

„Дефинитивно институциите треба да се соочат со реалноста без разлика на политичката, партиската или која и да било структура да  е на власт во даден момент“, вели професорот Николоски.

-Стратегиите, потенцира тoj, мислам дека треба посериозно да се анализираат и да се донесат дури и брзи мерки, преку воспоставување на одредени брзи стратегии или  планови, не само за намалување на иселувањето туку и воспоставување на врска со веќе иселените.Да бидеме искрени, ние можеме да пишуваме разноразни резолуции, стратегии, но ако државата суштински не се впушти во решавање на проблемот, едноставно тие ќе останат само на хартија, нема да вродат со плод. Уште повеќе се наметнува прашањето за зајакнување на комуникацијата со нашите иселени иако тоа е веќе друго прашање. Да бидеме искрени, ние сите не можеме да ги вратиме,дури прашање е дали ние воопшто можеме да вратиме некој што веќе решил да живее таму.

Државата не смее да се откаже од нашите во дијаспората – додава Николоски. Мора исто така сериозно да влезе во проект за непрекинато да ја одржува врската со нашите иселеници, со овие сега, но и со оние коишто заминале порано во светот. Само така ќе може, можеби барем малку да ја намали загубата на потенцијалот кој и се’ уште го губи преку иселување на нашите граѓани надвор.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%