Нова блокада и бојкот на настава во најава

Бојкот на настава и блокада на општината, е една од најавите на учениците Македонци од Тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ пред почетокот на второто полугодите. Учениците и родителите бараат Општината Тетово да овозможи нормален образовен процес.

Петнаесет години трае голготата со просторниот проблем, кој го имаат професорите и учениците од ова средно училиште со традиција да произведува  високо едуциран  кадар за понатамошно високо образование.

Во конфликтот  2001-та од безбедносни причини, учениците Македонци ја напуштија матичната зграда на Гимназијата и наставата ја продолжија во ОУ „Гоце Делчев“ се’ до учебната 2005/2006, кога наставата продолжува да тече во бараките на Медицинското училиште.

Во мизерни и несоодветни услови за настава кои се косат со законите за образование, продолжува голготата на тетовските гимназијалци.

Ана Апостоловска, ученичка во втора година во „Кирил Пејчиновиќ“ вели дека првото полугодие го поминале во услови недолични за едукација и часовите беа скратени.

– И покрај ветеното дека ќе бидат реновирани и двете згради сепак е реновирана само едната зграда каде повторно нема услови за настава и нема доволно училници и затоа сме принудени да следиме настава на две различни локации, вели Апостоловска.

Во уште понезавидна ситуација се учениците од четврта година, на кои им претстои полагање на државна матура, а кои доста изгубија со бојкотот на наставата. Затоа директорката, Катерина Наумоска вели дека до Државниот испитен центар е испратено барање на пролонгирње на рокот за полагање на матурата на овие ученици. Од таму одговор нема, но малку веројатно е дека ќе добијат одобрување.

Обидот за убиство на ученик ја прели чашата
Пукање на водоводни цевки, паѓање на покривот, десетици инциденти, кои за среќа завршувале без последици се’ до 2014 година кога на 28-ми ноември, се случува обидот за убиство на ученик од трета година кога од надворешен напаѓач неколку пати е прободен со нож.

По овој обид за убиство, професорите и родителскиот совет донесуваат цврста одлука дека назад во бараките нема враќање, се’ додека не се изгради нова зграда во дворот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, а во меѓувреме додека трае тој процес, настава да се одржува во просториите на ОУ „Гоце Делчев“ и во Народниот универзитет „Кочо Рацин“ во Тетово.

По низа одржани состаноци, средби со лица задолжени за инвестиции, директори, претставници на политички партички партии, министри и заменици на министри прашањето со  македонците гимназијалци тапка во место.

Се’ до  први септември 2016 година,  по приемот на учениците во дворот на НУ „Кочо Рацин“, кога започнува протестниот марш на професорите, родителите и учениците до општинската зграда.

По приемот кај градоначалничката, Теута Арифи и на нејзин предлог договорено е учениците од наставата на македонски наставен јазик да се интегрираат во матичната зграда во три смени, со скратени часови од по 30 минути, додека не се изгради ветениот објект. Градоначалничката вети дека лично ќе се заложи да ги забрза сите законски постапки. Раководителот на Секторот за јавни набавки, Ахмет Ќазими, директорот на Гимназијата, Намикќемал Мустафа, Катерина Наумоска и дел од управата, беа задолжени да состават распоред за смените, кои би биле мешани. Меѓутоа, иако распоредот беше експресно направен, директорот го одолговлекуваше почетокот, со образложение дека се чека одобрение од МОН за работа со скратени часови и има некои технички проблеми.

Професорите се појавуваа на работните места, учениците седеа дома
Времето минуваше, професорите во договор со родителите, на шести септември 2016 година,  одлучија учениците наставата да ја следат во природа, и тоа под отворено небо на градскиот плоштад во Тетово. Го прилагодија распоредот, надевајќи се дека тоа ќе придонесе надлежните да ја увидат одговорноста, да се свестат и конечно да се реши просторниот проблем. На овој проблем сите надлежни остануваа глуви и покрај испратените писмени дописи и барања и молби за состаноци.

Се чекаше ветеното да се исполни, но за жал од Министерството за образование пристигна одговор дека не се препорачува настава со скратени часови.

Градоначалничката под притисок на учениците, професорите и родителите, но овој пат и јавноста, излегува со предлогот да се реновира првиот објект на поранешното Медицинско училиште. Ова од неа беше побарано во 2015 година, набрзо откако се оформи гимназијата на албански јазик „7-ми  Март“ и кога дел од учениците од албанска настава ги префрлија во објектот на таа гимназија во населбата Дреновец.

Родителите и професорите уште еднаш прифатија привремено решение сè во интерес на тоа учениците да не губат од настава, но со услов да бидат реновирани и двата објекти на Стара медицина заради опасноста од меѓуетнички провокации во попладневна смена и побараа реконструцијата да биде во што е можно пократок рок. Исто така, услов беше примопредавањето на објектите да биде по одобрувањето од Санитарната и Просветната инспекција, со оглед дека во изминатиот период од една и пол година објектите се во очајна состојба, многу полошо отколку претходно.

Со задоцнување од речиси месец и половина првата зграда е реконструирана
Не беа исполнети сите барања, кои во писмена форма им беа дадени на релевантните претставници на локалната власт. Учениците продолжија да седат во дотраени скршени клупи и столчиња, и да пишуваат на стари табли од кои ништо не може да се прочита и немаат никакви нагледни средства за нормално одвивање на наставата. Реконструкцијата на парното греење не ги задоволува просторните услови, така што учениците, иако во секоја училница имаат дополнително по уште една греалка, се смрзнуваа. Иако од тогаш поминаа цели три месеци втората зграда сè уште не беше реконструиана, а  на  привременото решение на проблемот не му се гледа крајот. Заради тоа професорите беа приморани наставата да ја организираат со посебен режим на ротација на една недела, за да може сите ученици да добијат подеднаков третман и можност истата да ја следат во првата реконструирана зграда. Односно, по една недела шест класа наставата ја следат во општинската сала, а другите шест класа во училниците во првата зграда од старото медицинско училиште.

И второто полугодие со најава да почне со бојкот на наставата
До кога ќе трае голготата на овие ученици и нивните родители и професори во остварувањето на елементарните човекови права, да се добијат услови за достојно образование во 21 век, не се знае, но јасно ставија на знаење дека трепението и толеранцијата им се при крај.

Затоа, до градоначалничката Теута Арифи и до раководителот на Секторот за образование , Ахмед Ќазими Одборот на родители и професори испрати известување на почетокот на јануари годинава, дека доколку во текот на зимскиот распуст не смогнат сили и не изнајдат начин да ја реконструираат и реновираат и втората зграда од Стара медицина, и конечно да го решат ова долгогодишно прашање, ќе бидат принудени да преземат порадикални чекори и да го блокираат влезот и излезот во Општината уште првиот ден од второто полугодие.

Раководителот на Секторот за образование при општина Тетово смирува и апелира за трпение.

Тој за Канал 77 изјави дека работите на  втората зграда се запрени поради ниските и температури и дека поради тоа ќе се одложи започнувањето на второто полугодие во овој објект.

Набавките на материјалите за подовите и парното е извршена и во очекување на повисоки температури веднаш ќе се прејде на работа во втората зграда каде за 2 до 3 недели ќе започне наставата и таму. Мислам дека со работата која досега е завршена заедно со градоначалничката Теута Арифи сме единствените во минативе 15 години кои сериозно сме решени да ставиме крај на овој проблем, изјави Ќазими.

Истиот став го добивме и од директорот на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, Намикќемал Мустафа.

Заменик директорката на Гимназијата „Кирил Пајчиновиќ“, Катерина Наумовска вели дека доволно време имаа надлежните досега  да го решат ова прашање и го повтори ставот на одборот на родители и професори за бојкот на наставата и блокирање на влезот на општината на почетокот на второто полугодие.

Советникот во општина Тетово, Драган Давидовски смета дека прашањето со гимназијата „Кирил Пајчиновиќ“ во Тетово е голем проблем.

  • Властите во решавање на овој проблем не успеале многу да се снајдат и покрај тоа што имаа и министер во владата и градоначалник и луѓе во советот зошто не се успеа да се реши ова прашање тие сами знаат или поради премногу му веруваа на коалициониот партнер или ова  прашање го чуваат да го решат пред некои избори како политички маркетинг, кажа Давидовски.

Претходната Влада немаше слух за проблемот на македонските гимназијалци во Тетово и покрај тоа што се ветуваше градење на нови училишта и градинки, гимназијата не влезе во ниту еден политички програмски план. Останаа само срамежливите пресови пред Гимназијата.

Останува новата Влада која ќе биде составена, да реши дали Македонците во Тетово заслужуваат капитална инвестиција за изградба на зграда каде ќе  продолжи едновековната традицијата на производство на крајно едуциран ешалон на гимназијалци, гордо носејќи го името на Кирил Пејчиновиќ.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 


Продолжи со читањето

Во етер
Наслов
Изведувач

Background