ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Ќе ја добие ли Дојранското езеро заслужената еколошка заштита

today28/12/2018 252

Background

Дојранското Езеро некогаш важеше за избалансирано високо продуктивно езеро, со богата флора и фауна и најбогато со риба во Југоисточна Европа. Денес веќе се шпекулира со бенефитите кои може да ги понуди. Во овие неколку години, а особено во последните три, езерото си го врати својот некогашен сјај, дури и повеќе од тоа, изобилувајќи со вода која жителите велат одамна ја немало во толкава количина. Но, од друга страна, квалитетот на езерската вода е под знак прашалник, а брзата и навремена еколошка заштита, како и во многу други случаи во Македонија, и овде заостанува, што од бирократски, што од економски, и можеби повеќе профитерски причини.

 

Чистата вода е предуслов за секое природно водно живеалиште да остане токму тоа – дом на разновидни и ендемични растителни и животински видови. Колку тоа денес може да се каже за Дојранското езеро, се поставува како прашање, бидејќи условите во кое тоа постои се веќе изменети, во споредба со десет, па и повеќе години наназад.

Затоа и во податоците кои денес ќе ги сретнеме од биолози или од некој друг од сферата на природата и екологијата, кои работеле на проекти поврзани со ова езеро, ќе најдеме информации дека дел од видовите кои некогаш постоеле, сега ги нема, а пак за нивна сметка се појавиле нови форми на живот.

Можеби еден од поинтересните такви податоци е оној од професорот на ПМФ, Светислав Крстиќ, кој го сподели во рамките на конференцијата на Регионалниот центар за животна средина со канцеларија во Македонија (РЕЦ), посветена токму на Дојранско езеро, а тоа е дека денес, овде успеваат видови на алги кои ги има и во Бразил, и вообичаено виреат на тропски услови.

РЕЦ трета година по ред го спроведува проектот Развивање на капацитетите за одржливост на Дојранското езеро, а исто така ја почна изработката и на Студија за валоризација на езерото, која се уште не е донесена. Денес, состојбата на терен покажува изменет состав на езерскиот жив свет, а во фокусот на интересот се одредени видови алги кои драстично се размножуваат и со својата покривка го отежнуваат продорот на свеж кислород, додека нивната отровност е резултат на тоа што се хранат со отпадните материи и хемикалиите. Тие се причина и за таканаречената еутрофикација на езерото.  До ваков заклучок дојдоа и студентите по биологија од Природно математичкиот факултет од Скопје, кои го истражуваа езерото во рамките на проектот на РЕЦ. Токму нивниот извештај наиде на поделени мислења, посебно на социјалните мрежи, бидејќи беше протолкуван како директна антикампања за лековитоста и благопријатноста на водата од Дојранското езеро.

Иста констатација дека езерото е во т.н. еутрофна до високо еутрофна состојба за различни параметри, стои и во документот „Риболовна основа за риболовно подрачје Дојранско езеро за период од 2011 до 2016 година“, донесена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде се наведени податоци од ресорните министерства на двете држави кои го делат езерото – Македонија и Грција.

Се врати квантитетот, но не и квалитетот
И директорката на канцеларијата на РЕЦ во Македонија, Катарина Георгиевска вели дека квантитетот на водата во езерото во последните години се врати, но не и квалитетот.

Пред се висока е концентрацијата на азот и фосфор во езерото, а тоа се всушност хранителните материи со коишто се хранат алгите и оттука почнува целиот синџир на исхрана во езерото што доведува кон таа еутрофна состојба. Од каде потекнуваат азотот, нитратите и фосфатите во езерото исто така се знае, во биологијата, во еколошката наука дека потекнуваат најмногу од отпадните комунални води од околината на Дојранското езеро и втората причина е земјоделието – смета Георгиевска.

Според професорот, Крстиќ неопходен е квалитетен стручен мониторинг на езерото за полека да почне да се подобрува состојбата.

 „Екстремно е важно да постои мониторинг станица на Дојранското езеро, затоа што ние сме заинтересирани да го следиме. Ние денес имаме и можности за таканаречени он лајн или сателитски мониторинг системи или системи за рано предупредување“, вели Крстиќ.

Претставниците од Министерството за животна средина кои беа дел од конференцијата на РЕЦ посочија дека набљудувањето на состојбите во езерото законски треба да го врши општината, со десетгодишен план, но откако ќе се донесе студија за валоризација.

За резултатите од истражувањата на биолозите, пак, во ова Министерство велат:
„Целта на истражувачките кампови и воедно на проектот во целина беше обука на преставниците од Општина Дојран, како и избрана група на млади студенти биолози за правилно управување со заштитеното подрачје. Во рамките на проектот, резултатите кои се добиени и укажуваат на квалитетот на водата на Дојранското езеро, се обезбедени преку активности кои имаат пред се научно-едукативен карактер и се исклучиво за потребите на самиот проект. “

Општината аплицира за проект за мониторинг центар за езерото
Со оглед на тоа што Дојранското езеро се’ уште нема мониторинг станица, во општината веќе аплицирале за проект, со кој меѓу другото треба да се добие и ваков центар кој ќе ги следи сите состојби со езерото.

Во општината велат дека чекаат одговор за одобрување на меѓуграничен проект со општина Кукуш, кој меѓу другото ќе предвиди изградба на мониторинг центар за езерото, како и набавка на една машина за чистење на езерското дно и на крајбрежјето.

„Мониторинг центар со кој би имале реални параметри во секое време, за биохемискиот состав на водата, сите оние карактеристики на водата, нивото на езерото, со кои ќе имаме прецизни информации, а за нас тоа ќе биде мошне значајно затоа што ќе ги елиминираме сите оние шпекулации на загрижени екологисти, помали или поголеми експерти, затоа што ќе имаме реални информации кои ќе бидат релевантни“, вели градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.

Сепак, во Дојран како туристички град, останува отворен проблемот со отпадните води и канализационата мрежа, која се уште е во изградба, а проблем е и напливот на туристи кој се случува во екот на летната сезона во последните неколку години, па оттаму и капацитетот на сместување, и со тоа и на инфраструктурните мрежи не е соодветен за да ги задоволи потребите и еколошките стандарди.

Наспроти се, придобивките од езерото се уште се чувствуваат
Како жителите, но и посетителите од страна гледаат на Дојранското езеро и неговата лековитост, покажуваат нивните сведочења дека наспроти се, и натаму се чувствуваат бенефитите од езерото. Така, Момчило Димитриевиќ од Србија веќе петта година доаѓа во Дојран, со својот тригодишен внук токму поради лековитоста на водата од езерото.

  „Овие алги кои се тука се многу лековити за белите дробови. Мојот внук е роден како недоносено дете, со недооформени бели дробови и тежина од 1 килограм и 250 грама, а престојот тука многу му помага, но им помага и на многу други. Ако некој има дамки на кожата или слично езерото им ги лекува“, вели Димитриевиќ.

За позитивното делување на Дојранското езеро само добри зборови има и Даниела Динева, поранешна жителка на главниот град, а сега веќе неколку години постојан жител на Дојран.

„Од кога дојдов во Дојран почувствував што е свеж воздух, почувствував што е да живееме во чиста, природна и незагадена околина. Сите кои живеат во поголемите градови знаат дека имате на пример смог во зимските денови, а тоа овде го немате“, вели Динева.

По прашањето за Дојранското езеро, екологистите се едногласни – потребна е побрза реакција од надлежните институции за езерото, и пред се’ добар систем за набљудување кој ќе ги следи сите состојби и промени со неговиот еколошки статус.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%