Кога ќе се спомене Дојран и погранично место, веднаш првата асоцијација е на трговската размена со посетителите од јужниот сосед, која значително се зголеми во последните години на економската криза што ескалираше од другата страна на границата.
Грците ги преплавија бензиските станици, стоматолошките ординации, дуќаните, рестораните, пазарите во пограничните места со Македонија, меѓу кои е и Дојран, па се поставува прашањето – може ли и ова мало туристичко гратче да има целогодишна економска придобивка од статусот погранично место?
Улогата на погранично место Дојран и тоа како може да ја искористи во своја полза, и преку целата година, а не само во туристичката сезона да остварува економска продобивка од посетата на јужните соседи.
Грчките државјани се редовни посетители на Дојран пред се за полнење на резервоарите со гориво и за посета на стоматолошките ординации, попатно застануваат и на ручек во кафаните, во вторниците кога е пазарниот ден се снабдуваат со поефтин зеленчук и овошје, а неретко знаат и да ги посетат фризерниците.
Во двете населени места, Нов и Стар Дојран работат неколку забни ординации кои профитираат токму од грчките клиенти. Казината, исто како и во Гевгелија и овде се магнет пред се за жителите од другата страна на границата, а покрај постоечкото казино на граничниот премин, неофицијално во градот веќе се шират информации дека во еден од поновите хотели во Стар Дојран се подготвува пренамена на простор предвиден да биде токму казино. Паралелно на граничниот премин се подготвува терен за нова бензиска станица, очигледно поради големиот профит што го прават грчките државјани во последните неколку години токму со полнењето поефтино гориво од Македонија.
Граѓаните очекуваат поголем економски развој на Дојран како погранично место
Жителите на Дојран и посетителите од останатите градови во земјава веруваат дека Дојран може подобро да се развие и повеќе да профитира од грчките туристи, ако постои подобра, поорганизирана и разновидна понуда. Без огледшто сме помало место од Гевегелија, и овде може многу да добиеме од тоа што сме веднаш до границата, најчесто е ставот на анкетираните граѓани.
– Тука доаѓаат најпрво за бензин, бидејќи поефтин им е, на пример ако во Грција ставаат по три резервоара, во Македонија ќе наполнат 4. Со парите што ќе им останат одат по продавници, по кафани, тука ручаат… – вели жител од Дојран.
Една од работите што му фалат на Дојран се поголемите маркети во кои има се, бидејќи на таков начин се научени да пазаруваат нашите јужни соседи, а тоа овде им недостасува, велат дојранци.
Грците кога пазаруваат сакаат големи маркети, кај што ќе испазарува се и си оди, он не сака да шета по сите дуќани, туку сака голем маркет – сметаат жителите.
Дел од граѓаните пак сметаат дека на Дојран му фали подобра стратегија за да се извлече максимумот од предноста на пограничните места.
– Лично и јас кога одам во Дојран, одам најмногу поради климата, чистиот воздух и езерото, но мислам дека само тоа не е доволно, градот треба да живее 12 месеци во годината, а не само за летниот период–вели турист.
Новиот пазар во Нов Дојран ќе привлече и повеќе грчки купувачи
Еден чекор кој го презема локалната власт меѓу другото и за привлекување на повеќе туристи е изградбата на нов пазар, на местото на постоечкиот кој и пред тоа беше посетуван од случајни посетители од соседна Грција. Станува збор за зградата на поранешниот Дом на културата во Нов Дојран која повеќе години наназад не се користи, па почна да се пренаменува во затворен пазар.
Градоначалникот Борче Стамовво изјава која ја даде кон крајот на летото меѓу другото нагласи и дека новиот пазар ќе даде придонес за развој на локалната економија.
– Беше објавен повик за избор на изведувач за изградбата на затворен и отворен пазар во Нов Дојран. Тој претставува проект некаде вреден околу 10 милиони денари меѓутоа со изборот на изведувач точно ќе знаеме колку финансиски средства ќе чини. Претставува мошне значаен проект за Нов дојран затоа што стариот културен дом кој многу години стои празен и е во руини ќе добие нова функција ќе биде сосема реновиран заедно со партерно уредување на подрачјето околу него и ќе биде ставен во функција што ќе даде придонес за развој на локалната економија, пред се во Нов Дојран – вели Борче Стамов, градоначалник на општина Дојран.
Прв поголем супермаркет со пропратни содржини се гради во Карач
Новата викенд населба Карач која се наоѓа на влезот во Стар Дојран исто така ќе добие нова содржина која цели да ги привлече сите туристи, како и домашните посетители во текот на целата година. Се работи за поголем трговско – угостителски објект кој се гради веднаш до паркингот на поранешниот хотел „Гранит“, а инвеститорот кој е сопственик на ланец маркети од регионот, најавува дека во него ќе бидат предвидени повеќе различни содржини.
– Се предвидува супермаркет, распространет на 650 квадратни метри, со голем паркинг простор. Истиот маркет ќе биде спремен за почетокот на туристичката сезона, кој ќе го збогати асортиманот со 20 000 производи. Исто така во маркетот се предвидени пекарница, рибарница, менувачница. Во самиот маркет ќе има кафетерија со тераса од 250 квадратни метри – вели Перо Шутаров, сопственик на ланец маркети.
Според најавите, поради потребите на сите посетители, но и на локалните жители новиот објект ќе работи преку целата година.
Угостителите ја градат својата понуда за да привлечат и грчки туристи
Во приказната се вклопува и угостителите, со повеќе успешни примери, а еден од нив го претставува и Катерина Јанева, сопственик на угостителскиот бизнис која вели дека Дојран е примамливо место за грчките туристи, но се уште има многу работи на кои треба да се обрне внимание и да се вложува.
– Првата причина којашто јас сметам дека е пречка за поголема посетеност од страна на грчките туристи е инфраструктурата. Штом би се подобрила патната инфраструктура, би се проширил граничниот премин каде што би немало чекање редици за влез во нашата држава. Би било олеснителна околност за разлика од Гевгелија и ако направиме компарација со тамошниот граничен премин, тогаш бројот на посетители од нивна страна би се зголемил Доколку би се направиле содржини каде што има спа центри, бањи, имаме услови, имаме потенцијали, имаме топла вода, имаме клима којашто во поголем дел се карактеризира со топли и сончеви денови, сето тоа би било плус – вели Јанева.
Во делот на урбанизмот и планирањето на развојот, Општината од своја страна веќе поведе и постапка за носење нов детален урбанистички план за Стар Дојран, кој меѓу другото нуди нови сообраќајни решенија, односно можност за изградба на неколку кружни текови, како и проширување на граничниот премин со царински терминал.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.