Дваесет и осум години магија во етерот – Канал 77 слави роденден како дигитализиран традиционален медиум

Дваесет и осум свеќи ќе изгаснат денеска на роденденската торта на Радио мрежа Канал 77. Првото приватно национално радио во земјава и овој роденден го слави ширејќи ја магијата во етерот преку своите 35 фреквенции.

Приказната на единствениот национален медиум чие седиште е во Штип почна да ја пишува еден ентузијастички социолог кој во 1991 година реши да се втурне во медиумскиот свет. Таму, во земјата која од своето осамостојување е во транзиција, владите се менуваа, но не и притисоците. Безмалку три децении, Канал 77 им пркоси на општествените лидери кои препознавајќи ја моќта на медиумите настојуваат да го изменат новинарството во своја полза.

 

Денес медиумот е непријател на пропагандата, но пријателски настроен кон актуелните и објективни информации, кои во текот на целиот ден им ги сервира на своите слушатели додека се движат кон работното место, кога веќе се пристигнати таму,  па и кога удобно ќе се сместат во својот дом на крајот од денот.

Со текот на годините, Канал 77 успеа своите слушатели да ги претвори и во гледачи,  визуелизирајќи дел од програмата. Сега веќе е редовна пракса брендот по кој е препознатлив овој медиум, емисијата Стадион, да се пренесува во живо преку видео, благодарение на социјалните мрежи и веб страницата Македонски медиа сервис. Оваа можност е достапна и за публиката која сака да се информира за настаните од културниот и социјалниот живот, а за тоа сведочат бројните видеа од програмските појаси кои пружат „одмор“ од политиката.

 

Како што светот се дигитализираше, така Канал 77 се трансформираше. Традиционалниот медиум полека но сигурно, стана многу повеќе од тоа. Радиската екипа многупати досега се мобилизираше во сите делови од земјава за да и’ ги долови на својата публика деталите од разноразните случувања. Задржувајќи ја својата социјално-одговорна особина, медиумот овозможи во етер да прозвучат информации за голем дел од настаните кои се случуваа во текот на изминатите години.

Тимот на овој медиум, континуирано известуваше од фестивалите кои ги обединија културата и граѓанскиот активизам, како Акто, ДримОн, Д Фестивал, но и од караваните за слобода на невладината Цивил. Препознатливите лица на Канал 77 можеа да се видат и на традиционалната спортска манифестација Виз Ер Скопски Маратон, но беа присутни и на Отворените денови што ги организираше Цивика Мобилитас за да ги обедини на едно место домашните граѓански организации.

Благодарание на соработката со Здружението на граѓани Медиа плус пак, Канал 77 го афирмираше прашањето за медиумската писменост. Преку проектот „За чест без стрес, најди ја вистинската вест“ радиото го поттикна критичкото размислување кај публиката, со цел да биде рационално информирана за се’ што го чини секојдневието. Додека во домашната медиумска индустрија згаснува бројот на дописници, овој медиум кој сега го слави 28-от роденден, брои десетина соработници од општините, не занемарувајќи го јавниот интерес на локалните случувања. Тоа беше преточено во истражувачки стории обединети под мотото „Моја општина“ и „Македонија не е само Скопје“.

Најголемиот предизвик со кој можеби се соочи овој медиум беше емисијата која создаде синтеза на политиката, хуморот и сатирата – „Ноќен екпрес“. Неколку десетици емисии реализираше тимот кој овозможи невообичаен поглед кон општествено-политичките случувања и се разбира, тука немаше отстапка од намерата да се следи трендот на дигитализацијата, па сите изданија се пренесува со видео во живо.

 

Сега кога глобалното општество е „запоседнато“ од нови нерегулирани медиуми, Канал 77 го задржува приматот на традиционален и сериозен медиум, кој се дигитализира согласното трендовите што ги носи новото секојдневие.

Справувањето со овој предизвик не е едноставно, исто како што и ширењето магија во етерот не е невозможно.

 

 


Продолжи со читањето

Во етер
Наслов
Изведувач

Background