Друштвото на филмските работници на Македонија му го додели Медалот „Браќа Манаки“ на Ацо Дуковски, за особен и долгогодишен придонес кон Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Признанието му беше врачено на 20 септември, во рамките на 47. издание на фестивалот во Битола.
Ацо Дуковски е актер и долгогодишен филмски професионалец, чија работа е тесно поврзана со македонската кинематографија и кино-култура. Од 1984/85 до 2003 година беше директор на „Градски кина – Скопје“, кои во тој период управуваа со широка мрежа на киносали во градот. Како актер има остварено улоги во повеќе филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Gypsy Magic“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“ и „Деца на сонцето“.
Во годините на неговото раководење со „Градски кина“, Дуковски беше и голем поддржувач на „Браќа Манаки“. Неговите професионални контакти и ангажман придонесуваа во обезбедувањето филмови и гости за фестивалот, особено во период кога организацијата и меѓународната комуникација се одвиваа во значително поинакви услови од денешните.
Со Медалот „Браќа Манаки“, Друштвото на филмските работници на Македонија му оддава признание на Ацо Дуковски за неговата долгогодишна посветеност, поддршка и придонес во развојот на фестивалот и македонската филмска култура.
Медалот „Браќа Манаки“ е изработен од „Божиновски“, долгогодишен пријател и поддржувач на фестивалот, чија соработка со „Браќа Манаки“ продолжува и во рамките на годинашното издание.







