BGKO се враќа во Скопје со оригиналниот вокал Сандра Санџиао – повторно заедно по седум години

По седум години пауза, гласот со кој започна една од најпрепознатливите музички приказни на балканската музичка сцена повторно е дел од Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO). Оригиналната пејачка Сандра Санџиао во 2027 година му се враќа на оркестарот, а скопската публика ќе има посебна можност да ја доживее оваа старо-нова енергија на нивниот прв концерт по нејзиното враќање. Настапот е закажан за 23 февруари, во Македонската филхармонија, што ќе биде нивно трето музичко дружење со македонската публика.

Враќањето на Сандра се случува во годината кога BGKO одбележува 15 години постоење, творештво и музички патувања низ светот. Токму со нејзиниот вокал започна приказната на бендот, кој низ годините изгради препознатлив музички израз, спојувајќи различни традиции и културни влијанија во уникатна звучна целина. По седум години разделба, повторното обединување носи посебна емоција и симболично враќање кон почетоците, но и отвора ново поглавје во приказната на BGKO.

Познати по своите впечатливи интерпретации на балкански, ромски и традиционални песни од различни делови на светот, Barcelona Gipsy balKan Orchestra создаваат музика што ги надминува жанровските и културните граници. Нивните концерти се препознатливи по силната сценска енергија, виртуозните инструментални изведби и атмосферата во која публиката не останува само слушател, туку станува дел од музичкото доживување. Од меланхолични и емотивни мелодии до ритми што повикуваат на танц, BGKO секогаш нудат автентично музичко патување.

Скопје, како град на средба на различни култури и музички традиции, повторно ќе биде домаќин на оваа интернационална формација, но овојпат со дополнителна причина за славење – враќањето на гласот со кој сè започна. По претходните две средби со македонската публика, концертот во февруари ќе донесе поинаква, посебна димензија и можност повторно да се почувствува магијата на оригиналната вокална приказна на BGKO.

Концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra ќе се одржи на 23 февруари 2027 година, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија. Билетите веќе се пуштени во продажба и се достапни преку продажната мрежа на MkTickets и Karti.com.mk.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ