„Црно злато“ од Дејан Дуковски во режија на Слободан Унковски премиерно во МНТ

Фото: МНТ

Во Македонскиот народен театар (МНТ), вечерва, претпремиерно ќе биде изведена претставата „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски и во режија на Слободан Унковски, додека премиерата е закажана за петок, 27 ноември на Големата сцена на МНТ.

Во средиштето на драмата е семејство во кое враќањето на Анѓела ги отвора премолчените конфликти. Преку односите меѓу родителите и децата, претставата ги разгледува прашањата за родовиот идентитет, прифаќањето на различностите и последиците од општествената транзиција. 

Како што истакна Унковски на прес-конференцијата во МНТ, во работата со актерската екипа, акцентот го ставиле врз настаните, динамиката и енергијата на сцената. Преку дилемите на ликовите, како што посочи, се обиделе да отворат прашања за различните облици на љубов, комуникацијата и личниот идентитет. 

Дуковски рече дека почетниот мотив за приказната го нашол во драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле. Текстот му го посветил на својот професор Горан Стефановски, чие творештво, како што посочи, оставило траги и во „Црно злато“. За него ова е десетта претстава во МНТ и петта со Унковски. 

– Затоа што Горан е мојот учител. Многу научив од Горан, за драматургија и општо за животот – рече Дуковски.

Насловот, тој го поврза со опиумот и парите што ги носел. Како што рече, Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, била значаен производител на опиум познат по својот квалитет. 

Актерката Камка Тоциновски, која ја игра Анѓела, рече дека на улогата работела два месеца и дека најголем предизвик биле брзите емотивни промени низ кои минува ликот. Ова е нејзина трета соработка со Дуковски и Унковски, по „Изгубени германци“ и „Дива претстава“.

Според Тоциновски, Анѓела се враќа во семејството со веќе изградено чувство за сопствениот идентитет, а нејзиното враќање ги става на испит патријархалните норми и подготвеноста на блиските да ја прифатат.

– И мислам дека клучната реплика во оваа драма е „Ние некаде тргнавме, ама никаде не стигнавме“ – рече Тоциновски.

Актерот Јовица Михајловски, кој го игра таткото Димитрие, посочи дека во ликот препознава архетип вкоренет во патријархалната средина и во отфрлањето на различностите. 

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, им се заблагодари на актерската, креативната и техничката екипа за работата на претставата. 

Покрај Михајловски и Тоциновски, во претставата играат Мими Таневска, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет. Сценографијата е на Бранко Хојник, костимографијата на Александар Ношпал, а музиката на Златко Ориѓански. Асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот е Мартин Манев, а асистент на костимографот е Никола Булески. Извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен. 

Праизведбата на драмата се одржа на 14 март годинава во Белградскиот драмски театар, во режија на Оливер Фрљиќ. Со белградската постановка на 26 октомври беше отворен фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје. 

Унковски најави дека со Дуковски повторно ќе соработуваат на сценска адаптација на романот „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков за театар во Солун. Режисерот изрази надеж дека премиерата ќе се одржи на почетокот на 2027 година. 

По премиерата, „Црно злато“ ќе биде на репертоарот на МНТ на 1, 4 и 29 декември, со почеток во 20 часот. Билетите се достапни преку веб-страницата на МНТ и на билетарницата на театарот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ