Јавниот обвинител, кој го водеше предметот „Тотал“ против новинарот Драган Павловиќ – Латас се откажа од обвинителниот акт во целост, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје
-Во конкретната постапка, која во овој суд се води од октомври 2017 – та година, обвинети се Д.П. – Л. како физичко лице, и три правни лица од Скопје, за кривичното дело Даночно затајување. Предметот неколку пати почнуваше од почеток заради промена на надлежноста на јавниот обвинител и преземање на предметот од едно во друго обвинителство, за на последното рочиште, надлежниот Јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите. Имено, обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – Даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д.П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда, соопшти судот.
Пресудата е правосилна и е донесена на 25 јуни годинава.
Случајот „Тотал“ се однесуваше на сомневања дека Драган Павловиќ-Латас избегнал плаќање данок во периодот 2008–2015 година преку компаниите „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“. Случајот го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).






