ЈО – отворете експресна постапка за независноста, па споредете со случајот „Груби”, по член 353 од КЗ, бараат од ЛДП

Додека јавноста го чека цела недела да пушти глас, да почне да работи, да си ја заработи платат од граѓаните, да си го обели образот, Јавното обвинителство сѐ уште нема отпочнато постапка за прославата на независноста. Либерално-демократската партија (ЛДП) се нуди да помогне за конечно да има подеднаква правда за сите во Македонија, се вели во соопштението од ЛДП, кое ви го пренесуваме во целост.

„ЛДП бара јавното обвинителство да покаже дека има способни кадри кои не подлегнуваат на политички притисоци и веднаш да отвори постапка поврзана со трошењето пари од државна лотарија”, вели во изјава истакнатиот правник и член на Извршниот одбор на ЛДП, Илија Чилиманов.

Тој додава дека кога веќе се вратија од летниот годишен одмор и сон и се фатија со експресни постапки за заштита на „шефот на елитата”, може да се позанимаваат и со барање на одговори на следниве прашања.

„Нели станува збор за ист модус операнди, механизам односно модел на извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од кривичниот законик кога Артан Груби и претходната гарнитура ги заобиколувале одредбите од Законот за трговските друштва и со заклучоци од Владата и наложиле на Државна лотарија да преземе финансиски обврски во износ од 8,3 милиони евра? И сега со начинот на кој се извлечени парите за прославата на независноста во 2026 година, актуелниот премиер, генералниот секретар на Владата и директорот на Државна лотарија го направија апсолутно истото. Донеле заклучоци на владата со кои парите од нераспределената добивка ги пренасочиле надвор од буџетот на државата”, посочува Чилиманов.

ЛДП гласно реагираше и на штетните измени на кривичниот законик направени во септември 2023 година, а кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување е предвидено и казниво со Кривичниот законик.

„Па кога веќе јавното обвинителство го гони Груби според тој член, има законска основа да поведе постапки против актуелните функционери. Доколку прераспределбата на средства е направена без одлука од Собранието на акционери, со ист криминален модел, Државната лотарија повторно се користи како приватна партиска каса и вонбуџетски фонд за да се изиграат одредбите од Законот за буџет и редовните процедури, а милионски суми да завршат кај претходно договорени приватни субјекти” вели Чилиманов и додава дека за ЛДП нема „ваши” и „наши” пред законите.

Доколку јавното обвинителство го гони Груби, а молчи за премиерот и актуелните функционери кои преку иста шема потрошија милиони евра за десеттина прослави и концерти по нивна волја, тоа е директен доказ за селективна правда и заробено правосудство.

„Државната комисија за спречување на корупцијата ја послуша ЛДП и веќе отвори предмет по допрен глас. Сега, заедно со граѓаните, бараме Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, исто така по допрен глас, брзо како и ДКСК да поведе постапка во која ќе обезбеди соодветни докази покрај другите и заклучоците од Владата и склучените договори. На тој начин, конечно ќе се покаже дека Јавното обвинителство ѝ служи на правдата, а не е само институционален штит на новата елита. Граѓаните на Македонија заслужуваат правда исто како и елитата, можеби и повеќе”, заклучува Чилиманов.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ